Новиот објект од 13 ката го враќа огромното наследство на норвешкиот мајстор од 28.000 дела

Новиот музеј посветен на норвешкиот уметник Едвард Мунк се наоѓа на заливот Бјорвика во Осло и ветува прекрасен поглед на градот. Ребрендиран едноставно како „Мунк“, музејот се отвори на 22 октомври, по една деценија развојна драма, политички пресврти и неверојатни логистички предизвици. Резултатот е еден од најголемите музеи на еден уметник во светот.
Донекаде е застрашувачки, а од друга страна е многу инспиративно – вели Стајн Олав Хенрихсен, директор на музејот.
Еколошки осмислениот дизајн на шпанската архитектонска фирма „Естудио ерерос“ е исто толку драматична реакција на крајбрежјето на Осло, како што било и делото „Крик“ на Мунк кон крајот на 19 век. Со 11 изложбени сали, распоредени на 13 ката и покриени со панорамски ресторан, музејот претставува колосална сцена за извонредниот подарок на Мунк на градот по неговата смрт во 1944 година. Тука се сместени околу 28.000 дела – слики, цртежи, скулптури, отпечатоци и фотографии, заедно со неговите документи и лични предмети.
Од 1963 година, колекцијата беше сместена во ниска утилитарна зграда во станбениот кварт Тојен. Одлуката за преселба беше поттикната од кражбата на две ценети слики во 2004 година, „Крик“ (1910) и „Мадона“ (1894). Подоцна делата беа вратени, но по грабежот имаше чувство на вонредна состојба во однос на постоењето на нов музеј. Иако безбедноста беше примарна грижа, условите во кои беа претставени делата на Мунк исто така не беа на ниво како што заслужува оваа збирка – вели Хенрихсен.
Новиот музеј, сместен веднаш до иконската оперска куќа во Осло, во заливот Бјорвика, ќе обезбеди пет пати поголем простор за посетителите. Градот Осло го одобри новиот музеј во 2008 година, поттикнувајќи меѓународен конкурс за дизајн, но процесот беше полн со компликации.

Само две години подоцна натпреварот беше прекинат, за по две години подоцна повторно да биде воспоставен – вели Хенрихсен.
Политичките расправии за трошоците, предложената локација крај брегот и она што ќе се случи со локацијата Тојен, продолжија сѐ додека во норвешкиот парламент не се постигна мнозинство гласови. Денес, Тојен се обновува со паркови и простории за одмор, додека новиот музеј ќе биде отворен со викенд-настани организирани од кралот Харалд и кралицата Соња од Норвешка.
Најзастрашувачкиот дел од овој потег, според Хенрихсен, беше преместувањето на најголемото дело на Мунк, „Истражувачите“ (1911-1925), кое се протега на околу 50 квадратни метри.
Требаше да се премести од Тојен преку покривот, со камиони низ градот и потоа со мал брод од еден дел од фјордот до музејот. Потоа го донесовме до мала дупка на шестиот кат. Имавме луѓе што висеа од покривот за да го водат. Ако дуваше ветер, тие можеа да паднат – вели тој.
Амбициозниот проект, исто така, го предизвика неопходниот попис на колекцијата на музејот.

За првпат во историјата успеавме да поминеме низ сè, а кога станува збор за уметноста, дигитализиравме речиси сè – вели Хенрихсен.
Дигиталните експонати и личните предмети прикажани за првпат, од мебел преку уметнички материјали до догорчиња од цигари, ќе создадат извонредна виртуелна претстава на домот на уметникот, кој беше срушен во 1960 година.
– Наследството на Мунк го претставува целиот негов живот – вели Јон-Ове Стајхауг, шеф за изложби и колекции на музејот.
Кураторски, „Мунк“ го одвојува човекот од работата. Неговата уметност е организирана тематски наместо хронолошки, со постојани изложби, вклучувајќи ги „Инфинити“, истражување на главните теми и мотиви на Мунк, и „Монументал“, што овозможува простор за разгледување на огромните платна на „Истражувачите“ и „Сонцето“ (1910 – 1911).
Размерите на објектот на Бјорвика ќе овозможат ремикс на колекцијата во различни, можеби неочекувани контексти. Изложбата „Осаменоста на душата“ на уметницата Трејси Емин за Мунк, која претходно беше прикажана на Кралската академија на уметностите во Лондон, ќе исполни два ката од сезоната на отворање на музејот. Бронзената скулптура на Емин, „Мајка“, висока 9 метри, ќе биде трајно поставена надвор од музејот следната пролет, кога музејот ќе соработува и со норвешкиот детметал-бенд „Сатирикон“. Стајхауг вели дека кураторската стратегија „не е за вечност“, туку веројатно ќе се промени „органски“ со текот на времето.
– „Мунк“ се смета за повеќе од музеј, има цел да стане социјален центар за вечери, купувачи, посетители на концерти и пливачи (локацијата се покажа како магнет за оние што бараа сонце ова лето), исто како и место за разгледување уметност. Заборавете на сè што сте знаеле за музеите, ова е нешто поинакво – вели Хенрихсен.