Втор ден од 53-то издание на МТФ„Војдан Чернодрински“, кој синоќа започна во ЦК„Марко Цепенков“ во Прилеп. Денеска напладне ќе се одржи трибината „Театарската критика денес“, за вечерва да бидат прикажани две претстави во официјална конкуренција.

Од 19.30 во ЦК„Марко Цепенков“, Битолскиот театар ќе ја изведе „Доктор Фауст“ во режија на Андраш Урбан, а од 22.00 часот домаќинот театарот„Војдан Чернодрински“ ќе ја прикаже „Клетници“ по Виктор Иго, текст Горјан Милошевски, режија Мартин Кочовски.

Инаку, 53-то издание на МТФ„ВОјдан Чернодрински“ беше синоќа отворено со доделувањето на наградите за животно дело на актерот Петре Арсовски и композиторот Љупчо Константинов и изведбата на „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов, на МНТ.

При тоа градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски посочи дека фестивалот претставува голем напредок за културата во градот, најавувајќи дека ќе го оствари ветувањето за изградба на нов театар.

Фестивалот за отворен го прогласи заменик министерот за култура Владимир Лазовски.