Пијанистот Свјатослав Рихтер (1915-1997) со право важи за еден од најголемите пијанисти на 20 век. Со исклучителната длабочина на изведбата, со неверојатно топлата боја на звукот, со извонредната техника, со особено богатиот и разнолик репертоар, оставил длабока трага во историјата на музиката. Рихтер е единствениот пијанист со светска слава што немал формално музичко образование до 22-та година од животот. Татко му бил пијанист и органист и го подучувал сина си како дете, но по неговата егзекуција во една од Сталиновите чистки, Рихтер си станал себеси учител и продолжил онаму каде што запрел татко му. Во потрага по совршенство во изведбата, отишол кај тогаш најпознатиот професор по пијано во Москва, Хајнрих Нојхаус. Одушевен од талентот што се послал пред него, Нојхаус го примил како свој (најстар) студент на Московскиот конзерваториум. Оттука, Рихтер се вивнал во редот на музичките великани. „Рихтер кон секоја композиција се однесуваше како кон широк пејзаж, кој од огромна висина го гледаше со очи на орел, земајќи ги предвид целината и сите детали, истовремено. Свиреше како никој што претходно сум го чул; јас, всушност, немав што да го научам“, изјавил Нојхаус во една пригода за својот поранешен студент.

Рихтер пленел на сцената. Дејствувал сигурно и самоуверено. Како концертите да му биле суштината на животот, како пијанизмот да бил вткаен во неговата ДНК. Но зад јавното лице се криело нешто сосема друго. Рихтер страдал од тешка депресија, која често го водела на работ на самоубиство. Со месеци не бил во состојба да го допре клавирот, а ни самиот не сфаќал зошто. Бил геј, во времето кога хомосексуализмот се сметал за тешко злосторство што се казнувало. Иако сиот музички свет знаел за неговата сексуална определба и не го стигматизирал, законот во советскиот режим бил јасен и немилосрден, речиси како нацистичкиот. За да се зачува себеси од судбината што го снашла неговиот татко, Рихтер, наместо да живее со партнер, поминал голем дел од својот живот со сопранистката Нина Дорлиак. Таа за него била пријателка, соработничка, потпора, верен чувар на мрачната (јавна) тајна.

Лада Шоптрајанова Петровска