Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Музејот на градот Скопје до крајот на годинава може да се погледне изложбата „Везилка – девојка спремна за мажење“

Иако насловот на етнолошката изложба „Везилка – девојка спремна за мажење“, која до крајот на годинава може да се погледне во Музејот на градот Скопје на прв поглед изгледа како влез во област за која многумина мислат дека знаат многу, бидејќи дома сѐ уште имаат носии или, пак, различни везени парчиња во наследство од своите баби, мајки или прабаби, сепак добро конципираниот материјал што потекнува од Скопје и неговата околина претставува пријатно изненадување и потсетување на големата вредност на македонскиот вез. И на восхитувачката и вонвременска убавина на изложените експонати што говорат за големината на нивните творци. Изложениот материјал е дел од богатата музејска збирка на везени кошули, марами и покуќнина, која ја истакнува улогата на везот како најважен естетски сегмент на народното творештво, кој се сметал и за израз на една од основните способности на девојката што била подготвена за мажење. Експонатите датираат од крајот на 18 век до 1960-тите години.

– Приказната се темели на социјалната култура на Македонците во Скопје и скопската околина, кои својата заедница ја темелат на строго определени правила и норми. Преку извезените кошули, селски, градски и покуќнината, ја покажуваме естетската вредност на кошулите, преку што се согледува колку девојката била вредна, умешна и посветена да се покаже во средината и да се омажи. Изложбата предизвикува големо внимание, иако на отворањето (како и на отворањата и на многу други изложби) имаше помалку публика од очекуваното, сепак континуирано ја посетуваат многу луѓе.

Особено е важна нејзината едукативна програма за децата од градинките и за учениците. Најголема посета, сепак, има од повозрасни групи на граѓани, а ја посетуваат и студенти што студираат дизајн – посочија деновиве етнолозите кустос-советничките Славица Христова и Татјана Ѓорѓиовска, како и кустос-етнологот Оливера Џартовска-Тачевска, авторки на изложбата.

Тие истакнаа и дека според потрошувачката на каталозите за изложбата се забележува големиот број на посетители.

– Сепак, потребна е поголема медиумска покриеност поради фактот што овие исклучителни примероци на кошули и вез што се изложуваат по десетина години, треба да ги види публиката, а кога повторно ќе бидат изложени не се знае. Факт е дека вакви предмети веќе не можат да се набават на терен, не се изработуваат веќе 100 години, и затоа имаат бесценета вредност. Луѓето што поседуваат вакви предмети често му ги нудат на музејот за откуп, но има и донации, што се темели и на стравот дека по нивната смрт нивните деца нема да ги чуваат – изјавија етнолозите, кои и преку текстот во каталогот на изложбата нудат историски преглед на развојот на везените артефакти, чии најстари траги според досегашните сознанија датираат од старобалканската везена туника, која била основна облека на балканското население.

Изложбата го отсликува и влијанието на политичките, економските и општествените промени во Скопје и во Скопско низ вековите врз развојот на македонскиот вез, а завршува со 20 век, кога, како што истакнуваат и авторките, народниот вез постепено им го отстапувал местото на модерните индустриски творби. Таа е и можност да се видат и ретки црно-бели фотографии од 19 век на жени во носија од Скопска Црна Гора и Скопска Блатија, но и да се прочитаат и стихови што се пееле додека се везело и во специјално направените „куќарици“ од дрво и слама.