Петнаесет театарски продукции, на шест сцени во Скопје и една во Велес, ќе можат да се видат на годинешното издание на Млад отворен театар, кој ќе трае од 13 до 21 септември.

44. издание на фестивалот ќе го отвори проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ – добитник на наградата „Златна трига“ на Прашкото квардиенале за дизајн во сферата на перформанс, сценографија и театарска архитектура.

Покрај претставата за отворање, МОТ го најавува гостувањето на Словенско младинско гледалишче и „Сѐ уште без наслов“ на Томи Јанежиќ, театарско искуство во времетраење од девет часа.

Во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапи бендот „Шумски“ од Хрватска и „Тајгер лилис“ со посебно шоу, со кое слават 30 години на сцената.

Покрај двата концерта, најавена е и работилница на специфична локација – „Оди и види“ во Железничката зграда, потоа предавање и дискусија со Мајк ван Гран во кино „Култура“ и промоција на книгата „Анамнезис: Дијалози на уметноста во јавен простор“ од Сандра Ускоковиќ во МКЦ.

Локации на кои ќе се одвива програмата на МОТ се Национална опера и балет, кино „Култура“, Железничка зграда, театар „Комедија“, сала „Фросина“ – МКЦ, денсинг сала – МКЦ и Драмски театар, како и една локација во Велес – театарот „Јордан Хаџи Констатинов Џинот“.

Продажбата на билети за програмата на МОТ почнува денеска,, а билетите можат да се купат на билетарницата во МКЦ и онлајн.