Режисерите Анестис Азас и Продромос Циникорис од експерименталната сцена на националниот театар во Атина гостуваат со приказна за петте чистачки што станаа театрални хероини во еден „Чист град“.

Кој ја чисти Атина? Зошто мнозинството што ја чисти Атина се жени или имигранти? Дали се тие ‘родени’ чистачи? Како нивните CV-ја се разликуваат од вашите? Можеби, на крајот, сите сме поданици на историјата? И кога сме веќе таму, нели го користиме терминот ‘чистка’ за да ги опишеме операциите на полицијата насочени кон ослободување на јавните места од ‘непосакуваните’ (имигранти, бездомници, ‘изопачени’)?

Азас и Циникорис сега го истражуваат расизмот на „чистотата“ и „наивноста“, опасноста од фашизмот, женската имиграција во Грција и идентитетот на ‘чистачката’. Како театар на реалноста, „Чист град“ ги наоѓа и редефинира стереотипите преку погледи и лични искуства на вистински експерти што се однесува до чистотата: жените имигрантки, чистачки на Атина.