По повод 40 години од основањето на фестивалот „Браќа Манаки“ од печат излезе монографијата „40: ИФФК Браќа Манaки“ во издание на Кинотеката на Македонија. Ова е прво поголемо издание, кое одбележува јубилеј на овој фестивал, еден од ретките во светот што е тематски определен – фокусиран на филмската фотографија и работата на директорите на фотографија.
– На картата на европските филмски фестивали има еден на југот од Македонија, кој е поинаков од сите, попосебен и повпечатлив. Фестивал на камерата – вели уредникот на програмата за култура на босанскохерцеговската национална телевизија BHT1, Џевдет Тузлиќ, започнувајќи го својот осврт за значењето на фестивалот „Браќа Манаки“ за европската кинематографија.
Неговиот текст и уште 13 други за фестивалот и неговото значење, за историјатот и хронологијата, за браќата Манаки по кои е именуван фестивалот, како и за наградуваните филмови и филмски професионалци, се поместени во монографијата за да дадат една заокружена слика за изминатите четири фестивалски децении.
Покрај Тузлиќ, автори на објавените текстови се и Гена Теодосиевска, сегашна директорка на фестивалот, Благоја Куноски-Доре, поранешниот директор, а сега селектор на фестивалот, филмолозите Игор Старделов и Владимир Ангелов од Кинотеката на Македонија, Душко Димитровски – новинар и критичар од Сараево со постојан престој во Виена (чест гостин во Битола и на светските филмски фестивали), хроничарот Стефан Хаџи Андоновски, но и Пол Рене Ростад, претседателот на Меѓународната федерација на кинематографери (ИМАГО), Миха Брун, филмски критичар и новинар од Љубљана и Најџел Волтерс, потпретседател на Британското здружение на кинематографери.
Монографијата изобилува со фотографии од фестивалските церемонии, настани, тркалезни маси, мастер-класови, како и прес-клипинзи од написи објавени во печатените медиуми. Содржините се двојазични – на македонски и на англиски јазик.
Засега монографијата може да се најде во книжарницата на Кинотеката, а планирана е и промоција на книгата.