Нумизматичкиот каталог на Музеј-галеријата во Кавадарци содржи 178 монети од периодот на антиката до средниот век

Од богатата нумизматичка збирка на Музеј-галеријата во Кавадарци, која ја сочинуваат 450 монети собрани по пат на откуп, подарок, рекогносцирање на локалитетите во Тиквешијата, на огромно задоволство на љубителите на нумизматиката, излезе од печат каталогот „Нумизматичкиот материјал во Музеј-галерија Кавадарци“. Во каталогот на 52 страници се претставени 178 монети што датираат од хелинистичкиот, римскиот, доцноантичкиот, византискиот и османлискиот период. Каталогот е плод на повеќегодишни проекти што Музеј-галеријата ги реализирала со поддршка на Министерството за култура и е всушност проект од 2020 година од авторите Весна Ѓорѓиева и Раде Атанасов. Промовиран на 15 април, тој претставува драгоцен документ каде што се опишани формите и претставите на монетите што низ векови циркулирале во Тиквешијата, всушност археолошките ископувања со кои раководеше кустос-советничката Весна Ѓорѓиева, а Музеј-галеријата ги реализира во соработка со Националниот конзерваторски центар и со Миле Велчовски. Главните активности се започнати во 2015 година кога Емилија Митева, конзерваторка за метал, го реализирала проектот за конзервација и реставрација на 204 монети, за во 2018 година некои од монетите да бидат обработени од Сања Битрак, кустос-нумизматичарка, и двете од Археолошкиот музеј на Македонија. Промоторот на каталогот Виктор Лилчиќ, професор на Катедрата за археологија, на промоцијата подвлече дека монетите во Тиквешијата и во Кавадарци се појавиле во раниот македонски период од 6 до 2 век пред н.е., монети на македонските кралеви од градовите Пела, Тесалоника, Амфипол.

– Во каталогот ги гледаме монетите на македонските кралеви Филип Втори, Касандар, Филип Петти и Персеј. Како би можеле да ги интерпретираме? Да се потсетиме на победата на генералот Перменион врз обединетите сили на Пајонците, Тракијците и Илирите, близу Стоби во 365 година пред н.е. Македонските воени единици на Александар Трети Македонски, Касандар и подоцна Деметриј Први Опсадувачот и Антигон Гонатас, стационирани во кастелите кај Рогле, Скопско кале, Брњарци и на други места го заштитувале кралството на Пајонските Агријани во Скопско. Низ Тиквешијата марширале Филиповите војски, по долините на Вардар, на Раечка Река кон Плетвар и Пелагонија. Филип Петти е кралот македонски што ја ширел Македонија до Скопско, а Персеј до Полог. Истражував голем број нивни воено-стратегиски кастели низ повардарскиот дел на Пајонија и во Тиквешијата, насочени кон правецот на север. Некои од овие македонски монети, секако, биле војнички плати, но некои биле користени во трговијата. Во каталогот гледаме монета на Гај Тамиј Публиј или Поплилиј (148-146), а тоа значи дека Римјаните биле во Тиквешијата и се справувале можеби со второто македонско востание или, пак, ја спроведувале локалната организација на животот според свој терк – рече проф. Виктор Лилчиќ.

Во каталогот „Нумизматичкиот материјал во Музеј-галерија Кавадарци“ доминираат монети на римските императори од раноримскиот и доцноримскиот царски период, од периодот на Октавијан Август, па сѐ до Јустинијан Први. Меѓу нив се истакнуваат и две монети исковани од градот Стоби за време на империите Тит и Домицијан од втората половина на 1 век од н.е., како и монетите од градот Виманакиј од 3 век од н.е. Ваквата нумизматичка концентрација, смета Лилчиќ, го илустрира цивилизацискиот подем на античките тиквешки градови и населби.
– Претпоставувам дека меѓу нив доминирал градскиот пазар – агората на градот Аударист (Градиште Дреново) и претпоставувам, судејќи по амфорите за вино чии делови ги откривме на градиштето, дека тоа бил надалеку прочуен пазар. На него се продавало најстарото тиквешко вино по кое доаѓале трговци од далечните, високи краишта на Пелагонија или, пак, од долината на Астибо. Сред оваа агора е откриен и чудесен храм на богот Дионис и сметам дека во иднина тој треба да се уреди и да биде достапен за многубројните туристи и патници што поминуваат низ Дреновската Клисура – рече Виктор Лилчиќ, нарекувајќи го каталогот уште една скапоцена ризница на Кавадарци и на Тиквешијата. Тој меѓу претходно споменатите стручни лица што дале придонес во постоењето на каталогот ги спомена и Драган Дакиќ, Петре Камчевски и Александар Илиевски, истакнувајќи дека сите тие професионалци денес триумфираат со каталогот за нумизматичките зраци – факли на Кавадарци, од антиката до средниот век.