Збратимените општини Гевгелија и Сежана, од Република Словенија, го постигнаа првиот договор за унапредување на меѓусебната културна соработка, откако гостите од Словенија беа воодушевени од разгледувањето на археолошката поставка во Народниот музеј во Гевгелија.

– Гостите пројавија посебен интерес за нумизматичката збирка на монети од античка Гортинија, односно археолошкиот локалитет Вардарски Рид. Збирката е составена од 1.000 монети пронајдени во овој археолошки локалитет што потекнуваат од периодот од 6 век пред нашата ера до 4 век од нашата ера – рече археологот Бобан Хусеновски, директор на Народниот музеј во Гевгелија.

По иницијатива од гостите од Словенија, дел од оваа интересна и атрактивна збирка ќе биде претставена на изложба во Сежана.
Од општината Гевгелија потврдија дека градоначалниците Поцков и Тренчон наскоро ќе потпишат договор и оти во соработка со Народниот музеј се очекува монетите од Вардарски Рид кај Гевгелија до средината на октомври годинава да патуваат за Сежана.