Неговата уметност ги воодушеви и Американците и Италијанците и Русите и Арапите. Директната и жива карактеристика на неговото сликарство е химна за животот и радоста и со оваа изложба имаме намера да ги потсетиме сите на неговото творештво и да се сеќаваме, пишуваат локалните медиуми

На италијанскиот остров Капри, во малата црква „Ла Чиеса дел’Ораторио ин виа Карло Серена“, деновиве е отворена изложба на слики на познатиот македонски сликар и архитект, Симон Узуновски (1949-2018). Тој помина 40 години од својот живот на Капри, сликајќи ја неговата архитектура и природа што ја обожаваше, а за оваа изложба, со која, според „Капри прес“, му се оддава почит како на еден од последните наивни сликари што го сликаа островот, се избрани дела на кои се прикажани и познатите места: „Ла Пиацета“, „Марина Пикола“, „Трагара“, „Марина Гранде“. Изложбата ќе биде отворена до 11 август.

– Малите сводови, едноставните и живи бои, наивната и импресионистичка особина, спонтани како очите на детето, но во исто време прецизни како молив на архитектот, отсекогаш го карактеризираат сликарството на Симон Узуновски. Неговата уметност ги воодушеви и Американците и Италијанците и Русите и Арапите. Директната и жива карактеристика на неговото сликарство е химна за живото и радоста и со оваа изложба имаме намера да ги потсетиме сите на неговото творештво и да се сеќаваме – пишуваат локалните медиуми.

Симон Узуновски се вбројува меѓу пионерите на уметничките интерактивни инсталации на ликовната сцена во Македонија на која беше присутен околу половина век. Во Музејот на градот Скопје, во 2011 година, на јубилејната изложба Узуновски презентираше триесет дела создавани на монденскиот остров Капри.