Форумот „МакеКоПроДокс“, кој ќе се одржува во август и во септември, има цел да развие стратегиски план за зајакнување на копродукциите на документарниот филм помеѓу земјите од Балканот. На форумот ќе присуствуваат претставници од 12 регионални филмски агенции, три скандинавски филмски агенции и десет проекти во финална фаза на продукција.
– Во пресрет на економската криза, културата и филмската индустрија честопати се најпогодени од намалувањето на буџетите. Само преку солидарно дејствување и преку зголемување на регионалните копродукции, балканските земји можат да го зголемат бројот на финансирани проекти во ситуација на намалени средства. Поради неизвесноста за можните мерки предизвикани од кризата со ковид-19, второто издание на форумот „МакеКоПроДокс“ ќе се одржи онлајн – велат организаторите.
Форумот го организираат: фестивалот „Македокс“, Агенција за филм на Македонија и „Креативна Европа медиа деск МК“.

Форумот ќе се одржува повеќе денови во август и во септември. Модератори се:
Бриџид О’Шеа (Документарна асоцијација на Европа) и Хеле Хансен (Норвешки филмски институт).
Целта е да се поканат клучните личности од документарната филмска индустрија од целиот свет, да се претстават можните начини на соработка и да се направи долгорочна соработка помеѓу филмските агенции од регионот. Целта со овој проект е првпат да се воспостави нов сектор на алијанса на Балканот, како единствен начин да се амортизираат последиците од кризата. Во рамките на онлајн сесиите, ќе бидат претставени проблемите со кои се соочуваат регионалните земји, во голема мера како резултат на кризата, и ќе се направи обид да бидат најдени можни начини за нивно надминување, истовремено истакнувајќи ги нивните неспецифични регулативи посветени на развојот и продукцијата на документарни филмови.

Форумот кани 12 претставници на филмски агенции од регионот (Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Романија и Турција), претставници од скандинавските филмски агенции (Шведска, Данска, Норвешка), претставници на ТВ-радиодифузери, филмски дистрибутери од регионот, локални продуценти…