Многумина се разочарани од тоа што се случува, или повеќе од тоа што не се случува во културата, која никако да фати правец, особено по смените на министрите за култура, на директори на институции или сѐ уште неназначување нови, многуте кадровски и финансиски проблеми, не само во МНТ туку и во некои други институции од културата. Револтот на јавноста расте поради неостварувањето на очекуваните суштински промени во културата, која отсекогаш била стратегиска област во едно општество

Случувањата во Македонскиот народен театар и проблемите со кои се соочува оваа институција (неназначување директор и уметнички раководител, проблеми со вработувањата, сомневање за ненаменско трошење пари, нереагирањето на надлежните институции…), на што деновиве укажа режисерот Александар Поповски, го отворија горливото прашање за состојбите во културата воопшто во последниот период. Многумина се разочарани од тоа што се случува, или повеќе од тоа што не се случува во културата, која никако да фати правец, особено по смените на министрите за култура, на директори на институции или сѐ уште неназначување нови, многуте кадровски и финансиски проблеми, не само во МНТ туку и во некои други институции од културата. Револтот на јавноста расте, особено поради тоа што надлежните институции во последнава година не реагираат на овие сигнали, но и поради неостварувањето на очекуваните суштински промени во културата, која отсекогаш била стратегиска област во едно општество.

Инаку, по оставката на Поповски од функцијата претседател на управниот одбор на МНТ, Министерството за култура вчера му се заблагодари за досегашниот ангажман и најави дека ќе ја продолжи соработката со него, но и дека ќе постапи по укажувањата за неправилности.
– Поповски во изминатата година, со својот авторитет и работа на функцијата претседател на УО, вложи напори за унапредување на работата на МНТ, а се заложи и за обезбедување квалитет на драмскиот дел од програмата на „Охридско лето“, како нејзин селектор. Министерството за култура ќе ја продолжи соработката со Поповски, а ќе води грижа и натаму да ги ангажира авторитетите во културата, истакнатите уметници и дејци, за подобрување на состојбите во оваа област – соопштија од Министерството.
Оттаму информираа дека веднаш ќе пристапат кон консултации за именување нов член на управниот одбор на МНТ во согласност со законските процедури и дека веќе постапуваат по укажувањата за неправилности на Поповски.
– Министерството за култура ја следи состојбата во МНТ и ќе соработува интензивно, како и досега, со сите институции во чии надлежности се посочените проблеми – велат од ресорното министерство.

Инаку, деновиве незадоволен од состојбите во Македонскиот народен театар, неназначувањето директор и нов уметнички раководител цела една година, нерасчистена ситуација во однос на моменталните финансиски обврски и особено од молкот на надлежните институции за овие проблеми, режисерот Александар Поповски поднесе оставка од местото претседател на управниот одбор на оваа наша национална куќа. Тој смета дека неговата работа во тоа тело е сосема бесмислена доколку надлежните институции не се изјаснат и не реагираат на појавите што се причина за неговото повлекување. Според него, и по цела година откога е формиран овој управен одбор, сè уште нема ниту мала назнака тие да започнат да се занимаваат со проблемите што ја тресат оваа наша национална театарска куќа.
Според него, состојбите во МНТ се слика и прилика за состојбите со културата во државава, а преку оваа национална театарска куќа може да се согледа целосната култура кај нас.
– Мој личен став е дека апсолутно во културата треба да се искристализираат работите на поинаков начин. Да се мрднеме од ова каде што сме, бидејќи сега одиме само по инерција. Посилна, помоќна порака треба да испратиме во културата. Ова треба да биде почеток на отворање една сериозна дебата и тема за културата во Македонија. Ајде да ги отвориме прашањата. И ајде да ја дефинираме културата. Ако претходно, по смената на власта, тоа беа луѓе што се залагаа за еден друг тип култура, тој тип култура сега треба да се направи. Ако зборуваме за таа нова модерна, ајде да ја видиме таа модерна. Да отвориме дебата каде е таа модерна. Каде се точките на таа нова македонска култура. Тоа е тоа што мене ме интересира. Не ме интересира учество во тело што ќе седи и ќе биде нем набљудувач на состојбите – категоричен е Поповски.

Нема развој на едно општество, па и развој на економијата, ако не му претходи развој на културата и на образованието. Затоа, во систем во кој е важен само капиталот (а последниве години во културата не недостигаа пари), културата не може да си го најде своето место. Многу е поважен системот на вреднување и распределбата на тој капитал. Општеството, очигледно, и натаму во самата своја структура и во сите свои сегменти не го препознава значењето, а со тоа не ги познава ни основните цивилизациски вредности што ги носат културата и уметноста.