На 31. меѓународен поетски фестивал во Меделин, Колумбија, кој се одржува од 1-ви до 29 август 2021 година, Македонија ќе ја претставува поетот Митко Гогов. Учесниците на фестивалот ги читаат песните на мајчин јазик, а се слушаат и во препев на шпански и англиски јазик. Фестивал важи за најголем и најдобар светски поетски фестивал, еден од најпрестижните поетски настани, а досега од нашата држава меѓу учесниците биле и Матеја Матевски, Катица Ќулавкова, Лидија Димковска, Никола Маџиров.

Фестивалот го следат над 500.000 гледачи ширум светот, а големите светски поети, како Ко Ун, Чарлс Симиќ, Адунис, Елена Попески, Пол Мултон, Каролин Форше, Роберт Хас и други се само дел од големата програма. Со повеќе од 200 официјални учесници, фестивалот се обидува да се помири со колумбиското турбулентно минато и сегашност преку никогаш не стареечкиот медиум на поезијата и уметноста.

Митко Гогов (1983) пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во повеќе земји во Европа, но и во Индија, Пакистан, Филипини, Кина, Тајван, Египет, САД, Аргентина, Русија, Израел, Мексико… Претседател на здружението за култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, организатор на манифестацијата „100 Илјади поети за промена“ за Македонија и основач и дел од организаторите на „Антево слово“ и „Антево перо“. Добитник на неколку значајни меѓународни и национални награди за книжевност и поезија.

Автор е на збирките поезија „Ледена вода“ (2014) и „Скриено писмо“ (2019), во издание на издавачката куќа Антолог, а годинава треба да излезе од печат неговата трета стихозбирка „.линијар. бројки.“