Теориите околу моделот на најпознатото дело во историјата на уметноста, „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи се различни. Еден египтолог тврди дека таа ја претставува божицата Изида, со тајната пирамида шифрирана на сликата. Се тврдело и дека се работи за реинкарнација на мајката на Да Винчи, а теоријата му се припишува на Фројд, па и дека станува збор за трансродов портрет или приказ на сликаровиот машки „придружник“.

Сепак, доказите дека токму Италијанката Лиза Џерардини со години му била модел на Леонардо се трупаат, па и конечниот консензус на научниците и историчарите да се приклонат кон таа теорија.

Американската новинарка Дајан Хејлс, вљубена во Италија и нејзината историја, во 2014 година објави биографија за моделот на сликата, врз основа на повеќегодишно истражување на историјата на Фиренца, исчитување и цитирање историска литература и разговори со признаени научници и историчари. Нејзината книга е насловена „Мона Лиза: откриен животот на жената со загадочна насмевка“.

Во оваа делумно мемоарска, а делумно историска биографија, Хејлс го реконструира животот на жената што му позирала на Леонардо, донесувајќи низа податоци не само за неа туку и за животот на уметникот, како и за историските околности и обичаи што пред 500 години го обликувале животот на жителите на Фиренца, па и околностите што ја донеле славната слика во Лувр во 1815 година.

Во книгата дознаваме дека Мона Лиза Џерардини дел Џакондо потекнува од благородничко семејство. Родена и крстена во Фиренца во 1479 г., според тогашните обичаи, се претпоставува дека имала две куми и еден кум, како што порачувала црквата за девојчињата, а името го добила по баба си од мајчина страна, која починала неколку години претходно. Самото крштевање во црквата е поткрепено и со копија на оригиналниот извадок од книгата на крстени од 15 јуни 1479 година. Се дознава тука доста и за воспитните методи на тогашна Фиренца, па Хејлс пишува како синовите биле воспитувани да бидат неустрашливи како градските маскоти на лав, а ќерките биле подигани да бидат елегантни како лилјани, како другиот симбол на градот.

Во согласност со тоа, и Лиза била опоменувана да оди, а не да трча, да ги држи грбот и главата исправено, а очите наведнати, да танцува на забавите на некогашна Фиренца. Конкретно не се знае дали е родена убава, но како вистинска ќерка на ренесансата научила како да го постигне тоа. Посебно живеејќи во култура во која грдотијата била озлогласена како одраз на зло и општествена инфериорност… Идеалот на убавината, пишува Хејлс, фирентинците дури го испишале во голем број есеи и трактати: чело мазно и ведро, пошироко отколку високо, со големи очи и доволна разлика меѓу нив. Лицето светло и чисто, брадата тркалезна, устата мала, а вратот долг и бел. Градите тркалезни, со розови пупки, а торзото вито и грациозно. Сѐ заедно, 33 женски совршенства. Богатите семејства, 40 отсто од своето богатство го вложувале во облека. Изгледот бил императив.

Лиза била омажена за деловен човек, трговец со свила, двојно постар од неа, родила пет деца и умрела во манастир на возраст од 63 години. Нејзиниот живот се совпаѓа со најбурните поглавја од историјата на Фиренца, десетлетија со војна, инвазија, опсада и освојувања. За време на нејзиниот и животот на Леонардо ликовите биле поголеми од животот. Лоренцо де Медичи ширел величественост на сѐ што ќе допрел, Чезаре Борџија го ангажирал Леонардо за свој воен инженер, а Николо Макијавели со уметникот соработувал на важен план за свртување на реката Арно. Сите овие историски факти во книгата романсирано се опишани. За време на престојот на Леонардо во Милано, каде што процветал и неговиот генијален ум, француската инвазија на градот го натерала во 1500 г. да се врати во Фиренца.

Во текот на следните години ќе се натпреварува со Микеланџело и ќе претрпи голем број неуспеси, но во тие години ќе му се посвети на портретот на Мона Лиза, кој ќе го чува до себе целиот живот. Повеќето биографи се согласуваат, па таа теза ја застапува и Хејлс, дека Леонардо на портретот на Лиза најинтензивно работел во 1503 година. Со него ја револуционизирал науката, служејќи се со златниот рез, кој го проучувал со математичарот Пациоли. Најверојатна претпоставка е дека сликата ја нарачал сопругот на Лиза во време кога таа имала 24 години, но под изговор на уметникот дека сликата сѐ уште не е совршена, тие никогаш не ја виделе.