Министерството за култура, по реакциите и јавните барања од издавачката куќа „Шкупи“ за поддршка на 8 преводни дела од проектот „Наградена светска литература“ и учество на светски саеми на книги, а со цел точно и транспарентно информирање, детаљно објаснува за процесот на одлучување по пријавите на годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата.

– Од пријавите на годишните конкурси од издавачката куќа ‘Шкупи’ во одбиените проекти на овој издавач се: четири проекти за превод од шведски на албански јазик, кои имаат предвидено како автор на преводот едно исто лице кое не е државјанин на Македонија, кое живее во Шведска и нема формални квалификации за кометентност за преведувач – велат од Министерството за култура.

Од таму додаваат дека еден проект за превод од англиски на албански јазик има предвидено како автор на превод лице што не е државјанин на РСМ, два проекта за кои комисијата утврдила дека преводот не е направен од јазикот на оригиналот и еден проект за кој немало ниту биографија ниту какви било референци или информации за авторот на преводот.

– На годишните конкурси на издавачката куќа „Шкупи“ ѝ се одобрени два проекта за превод од турски и од хрватски на албански јазик за кои авторите на преводот имаат формални квалификации и референци што сведочат за компетенциите на преведувачите за односните јазици – потенцираат од Министерството.

Во однос на апликациите од издавачката куќа „Шкупи“ за учество на меѓународните саеми на книга во Софија, Тирана, Истанбул и во Франкфурт, Министерството за култура информира дека се отфрлени поради недостиг на дел од задолжителната документација, односно корисникот нема доставено преписка со организаторите со која се потврдува учеството на саемите.