Зоран Кардула, графички уметник

Зоран Кардула е графички дизајнер и сликар што изминатата година креира и илустрира 282 постери, вели некои од ќеф, други по нарачка. А во збирната бројка не се пребројани илустрациите за книгите, логоата, сликите нацртани и многу, многу часови работа.
– Минатата, 2020-та навистина за мене се покажа како многу продуктивна. Влијание секако дека имаше пандемијата. Годинава некако ни помина во изолација, контакти само онлајн и многу време затворени дома. Таквата околност ја искористив во творење за теми што отсекогаш сакав да ги илустрирам. Илустрирав многу постери во арт деко стил до дискоерата, тука се и моите омилени карактери од руска авангарда до бившите југословенски легенди од филмското платно и многу други илустрации. Кога ги собрав на купче, навистина добив импресивна бројка, и тоа е само на постери, тука не се вброени илустрациите за книги, логоата како и сликите што ги цртав во овој период – вели Кардула.
Тој додава дека не би сакал целата креативност да ја поврзува со оваа година, која донесе лоши работи, но факт е дека таа изолација донесе многу илустрации и дела што можеби немаше да се реализираат баш оваа година.
Кардула се обидува да го илустрира секој настан, како и секој проблем со кој се соочуваме како заедница.

– Со илустрација некако подобро се изразувам, а и пораката што сакам да ја пратам полесно стигнува, повпечатлива е и има своја тежина. Но, секако, тука се и моите омилени теми да илустрирам личности што ги ценам, кои заслужуваат да им посветам илустрација, и така настануваат сите тие големи серијали што ги правам. Обично непланирано почнуваат, можеби некоја дреболија или некој настан ќе ме импресионира и некако влегувам во филм и почнувам да илустрирам. Еве, баш за серијалот посветен на арт деко инспирацијата ја добив во Крушево. Крушево секогаш ми е инспирација за некои теми поврзани со минатото. Многу често некое парче од личните работи на моите предци ме инспирира за некоја тема – вели Кардула.
Југословенскиот дизајн и советскиот конструктивизам се теми на кои постојано се навраќа, па може да се каже дека тие теми му се особено драги.
– Секогаш настојувам да пратам своја порака со моите илустрации, особено во делот на активизам за прифаќање на различностите по која било основа, за толеранција, за борба против национализмот и за борба против неправдата. Тоа се работи за кои вреди да се бориме за да го направиме светот подобро место за живеење – истакна Зоран.