По повеќемесечни подготовки, „Скопје филм студио“ почна со снимање на новиот долгометражен игран филм на режисерот Даријан Пејовски, насловен „Мими“. Ова ќе биде втор долгометражен филм на Пејовски, по „Три дена во септември“ (2015), неколку краткометражни филмови, а во изминатиот период работеше на ТВ-сериите „Фамилија Марковски“, „Инсајдер“ и „Преспав“.
Во овој филмски проект, режисерот го става фокусот на два женски лика, портретирани од млади македонски актерски таленти, кои ќе имаме можност да ги видиме во филмските кадри поддржани од искусна машка актерска екипа, предводена од Оливер Митковски.
– „Мими“ е психолошка драма за девојка што, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со eкстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство, кое набрзо преминува во опсесија. „Мими“ е филм за површноста и лажните фасади што ги покажуваме пред другите – изјави Даријан Пејовски, режисер на филмот.
Филмскиот проект, кој доби финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, како проект од национален интерес, се снима во согласност со утврдените протоколи за филм и заштита на јавното здравје.