Македонскиот народен театар ќе гостува на 8 декември на Големата сцена на Народно позориште во Белград, со драмата „Животот е прекрасен“, по текстот „Самоубиец“ на Николај Ердман, во адаптација и режија на Александар Морфов. Главниот јунак Семјон Семјонович Подсекаљников го игра Никола Ристановски, а во големиот ансамбла се и Николина Kујача (Марија Лукјанова), Звездана Ангеловска (Серафима Илинична), Сашко Kоцев (Александар Петрович Kалабушкин), Тања Kочовска (Маргарита Ивановна), Емил Рубен (Аристарх Доминикович Гранд-Скубик), Гораст Цветковски (Виктор Абрамович), Славиша Kајевски (Сергеј Александрович), Благој Веселинов (Григориј Пугачов), Александар Горгиоски (Алексеј Стаканов)…
Гостувањето се реализира во рамките на билатералната соработка меѓу двете театарски куќи.

– Режисерот го направи и изборот на музиката, сценограф е Никола Тороманов, костимите ги изработи Марија Пупучевска, а кореографијата – Инга Kрасовска. Морфов не направи претстава за самоубиството, ниту пак за смртта, туку за еден човек што повторно го открива животот и тоа колку тој е всушност убав. Оваа слоевита, смешно-тажна и раскошна претстава за човекот што се симнува до пеколот, за да сфати дека животот е нешто многу драгоцено, многу доследно го следи сижето на оригиналниот драмски текст – најавуваат од Народно позориште.
Морфов во оваа драма, премиерно изведена на 10 април 2016 година на сцената на МНТ, многу интелигентно и духовито внесува живост и динамика во сцените, дијалозите и ликовите.

– Драмскиот текст „Самоубиец“ на Николај Ердман е едно од најконтроверзните писателски остварувања на 20 век. Напишан е во 1928 година, а првпат во СССР е поставен во 1987 година. Зошто? Зошто повеќе од 60 години една пиеса може да биде забранета, и покрај силните залагања на МХАТ и театарот на Мејерхољд? И покрај застапувањата на Мејерхољд, Станиславски, Луначарски, Горки и Булгаков, комунистичкиот режим ја држел оваа пиеса под тотална цензура. Во историјата на светската драматургија се познати повеќе примери во кои тоталитарните режими забранувале пиеси, автори или претстави. Причината секогаш е иста. Неподобност на мислата на авторот, неподобност на темата, неподобност на пораката и сознанијата што драмскиот текст/автор/претстава ѝ ги испраќа на публиката…. Има зошто оваа драма била забранета, но има и зошто оваа драма да ја живее својата бесмртност.

Николај Ердман по „Самоубиец“ не напишал ниту еден драмски текст. Драматуршката адаптација на драмата „Самоубиец“, насловена „Животот е прекрасен“, е на режисерот Александар Морфов и доследно ја следи сижетната линија на оригиналниот драмски текст, но на еден извонредно духовит и интелигентен начин внесува многу живост и динамика во сцените, репликите и драмските ликови – вели драматургот Загорка Поп-Антоска Андовска.