Изложбата во Московскиот музеј на современата уметност е замислена како номадска платформа за заедничко учење, самообразовање, политичка имагинација и педагогија на слободата, поврзувањето и промените

Московскиот музеј на современата уметност (ММОМА) и институтот „Гете“ во Москва претставуваат изложба на интернационална група уметници, меѓу кои има и неколку од регионот на бивша Југославија. Изложбата е замислена како номадска платформа за заедничко учење, самообразовање, политичка имагинација и педагогија на слободата, поврзувањето и промените. Меѓу учесниците е и кураторката Сузана Милевска, која е дел од Д’ЕСТ, мултикустоска онлајн-платформа на видеоуметност од бившите земји од Источниот и Западниот блок. Покрај Милевска, во оваа платформа се и Ана Хушман, Селма Селман, Марта Попивода и Ана Вујановиќ.

Изложбата е насловена „Школа без центар – Москва“ и беше отворена викендов, како трет дел од експерименталната програма „Форми на уметнички живот, која ММОМА и институтот „Гете“ во Москва ја реализираат за да се развие меѓуинституционалниот дијалог и за создавање единствена платформа што нема однапред дефинирана рамка и други ограничувања. Проектот подразбира промени во структури на системот на современата уметност во Германија и во Русија и истражува нови форми на уметничките практики и интеракции, можности за промени на економските услови за работа на институциите, уметниците и кустосите, како и влијанието што на нив го имаат промените на општествената и политичката клима. Во двете земји, како што е наведено, музеите сѐ повеќе дејствуваат не само како ризници на културното наследство туку и како отворени платформи за експериментирање и формирање на постојните политички практики. Границата меѓу институционалната и вонинституционалната, независна уметност неизбежно се намалува.

Изложбата „Школа без центар – Москва“ се одржува во просторот на уметноста меѓу луѓето во едукативниот центар ММОМА-е, во кучи, во процесот на движење низ градот, низ ѕидовите на институциите, во заедничкото слушање, готвење и сонување, со посредство на радиопрограмите и онлајн-платформите, на работилници, во читачки групи и други форми што се појавуваат во меѓувреме.

„Школа без центар – Москва“ е создадена по иницијатива на уметничкиот простор Дистрикт во Берлин, во соработка со Институтот за меѓународни студии во Москва и институтот „Гете“.