Миланска „Скала“, славната италијанска оперска куќа, која од избувнувањето на пандемијата загуби 23 милиони евра од приходите, се надева дека ќе ги отвори вратите во септември, со Вердиевата опера „Реквием“, најави од институцијата Французинот Доминик Мејер.
– Планиравме да ја поставиме оваа опера на Верди затоа што Тосканини ја извел по војната и така останала запаметена, а ќе им ја посветиме на семејствата на заболените и починатите. Потоа ќе ја имаме Бетовеновата „Деветта симфонија“, која е порака за надеж, а наесен „Травијата“, во режија на Лилиан Кавани – рече Мејер, кој пред неколку месеци ја презеде должноста на чело на „Скала“, откако десет години раководеше со Виенската опера.

Доминик Мејер подготви план за продолжување на работата и истакнува дека миланската оперска куќа нема да ги отвори вратите додека персоналот и гледачите не бидат сигурни дека нема опасност по здравјето.

– Мора да бидеме реални, ја подготвуваме оваа програма во случај да биде можно реализирањето, бидејќи одржувањето дистанца е можно во мала продавница или во ресторан, но во сала со 2.000 гледачи и 350 члена на персоналот не е лесно – додаде тој.
Мејер информира дека „Скала“ веќе загубила 23 милиони евра од влезници, поради откажување на околу 150 претстави и посебни вечери, но, и покрај сѐ, се надева дека ќе ги покрие загубите.