Милан Кундера во интервју со Филип Рот

Во 1980 година беше објавено интервју со Милан Кундера, кој деновиве го прослави својот 90-ти роденден, кое го водеше познатиот писател Филип Рот. Всушност станува збор за спој на два разговора што Рот ги направил со Кундера по читањето на неговата книга „Книга за смеата и заборавот“, еден додека бил во Лондон и вториот за време на посетата на САД, каде што доаѓа од Франција во 1975 г.

Мислиш ли дека наскоро ќе има пропаст на светот?
– Тоа зависи од тоа како го сфаќаш зборот наскоро.
Утре или задутре.
– Чувството дека светот брза кон пропаста е многу старо.
Тогаш немаме причини за загриженост.
– Токму обратно. Ако тој страв е присутен со векови во човечкиот им, мора да има причини за тоа.
Во секој случај, ми се чини дека таа грижа е заднина на сите раскази во твојата нова книга, дури и оние што се изразито хумористични.
– Да ми кажел некој, кога бев дете: „Еден ден ќе видиш како твојот народ исчезнува од овој свет“, ќе го сметав тоа за бесмислица, за нешто незамисливо. Човекот знае дека е смртен, но го зема здраво за готово тоа дека неговиот народ има некој вид вечен живот. Но по руската инвазија во 1968 г, секој Чех се соочи со идејата дека неговиот народ би можел тивко да биде избришан од мапата на Европа, како што во текот на претходните пет децении четириесет милиони Украинци тивко исчезнале од овој свет, а никој не ни забележал. Или Литванци…
Како изгледа да се биде емигрант?
– За писателот, искуството на живеење во повеќе земји е вистинска благодат. Можеш да го разбереш светот само ако го согледаш од повеќе различни страни. Мојата најнова книга „Книга за смеата и заборавот“, која е објавена во Франција, зазема посебен географски простор: настаните што се одвиваат во Прага се видени низ западноевропските очи, а она што се случува во Франција низ чешките очи. Тоа е средба на два света. Од една страна е мојата родна земја: за време на половина век искуси демократија, фашизам, револуција, сталинистички терор и распад на сталинизмот, германска и руска окупација, масовна депортација, смрт на Западот во сопствената земја. Тоа е тонење под товарот на историјата и поглед на свет со голем скептицизам. Од друга страна Франција: со векови била центар на светот, а денес страда поради недостигот од големи историски настани. Затоа им се радува на радикалните идеолошки ставови. Тоа е лирско, невротично очекување на некое сопствено големо дело, кое не доаѓа и никогаш нема да дојде.
Живееш ли во Франција како странец, или културно се чувствуваш како дома?
– Многу ми е драга француската култура и многу ѝ должам. Посебно на старата книжевност. Рабле ми е најдраг писател. И Дидро. Го сакам неговиот „Фаталистот Жак и неговиот господар“ колку и Лоренс Стерн. Тоа беа најголемите експерименти на сите времиња, во облик на роман. А нивните експерименти беа забавни, полни со среќа и радост, која сега исчезна од француската книжевност, а без неа секоја уметност губи од значењето. Стерн и Дидро го сфаќаа романот како голема игра. Го открија хуморот во облик на роман. Кога слушам научни расправи за тоа како романот ги исцрпил своите можности, мислам сосема поинаку: во текот на историјата романот пропушти многу можности. На пример, поттикот за развојот на романот што го поставија Стерн и Дидро не го презеде ниеден од следбениците.
Смеата отсекогаш ти е блиска. Твоите книги предизвикуваат смеа со хуморот и иронијата. Кога твоите ликови искусуваат болка, тоа е затоа што налетале на светот што ја изгубил смислата за хумор.
– Ја сфатив вредноста на хуморот во добата на сталинистичкиот терор. Тогаш имав дваесет години. Секогаш можев да препознаам личност што не е сталинист, личност од која не морам да се плашам, по начинот на кој се смее. Смислата за хумор беше доверлив начин на препознавање. Уште од тогаш ме плашеше светот што ја изгубил смислата за хумор.
Она што е карактеристично за твојата проза е постојаниот судир на приватното и јавното.
– Метафизиката на човекот е иста и во приватната и во јавната сфера. Да ја земеме другата тема на книгата, заборавањето. Тоа е голем приватен проблем на човекот: смрт како загуба на битието. Но што е битието? Тоа е збир на сите наши сеќавања. И така, она што нѐ плаши кај смртта не е губењето на иднината туку губењето на минатото. Заборавот е вид смрт отсекогаш присутна во животот. Но заборавањето е и голем проблем на политиката. Кога некоја голема сила сака да ѝ ја ускрати на некоја мала земја нејзината национална свест, таа го користи методот на организиран заборав.