„Дивата круша“

Во конкуренција за „оскар“ за странски филм е и филмот „Дивата круша“ на турскиот режисер Нури Билге Џејлан, во кој Македонија се јавува како копродуцент, преку продукциската куќа „Сестри и брат Митевски продукција“. Филмот ја имаше својата премиера на Канскиот филмски фестивал годинава, а Џејлан важи за миленик на канската публика откако ја доби „палмата“ во 2014 година за филмот „Зимски сон“

Од завчера и Македонија се приклучи на листата на земји што веќе избраа и предложија свои кандидати за наградата „оскар“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Според одлуката на комисијата во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на ДФРМ, Ирена Ристиќ – актерка, Амернис Нокшиќи – актерка, Горан Трајкоски – композитор, Игор Тошевски – ликовен уметник и сценограф, Даријан Пејовски – режисер и Наум Доксевски – кинематографер, при Друштвото на филмски работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, филмот „Исцелител“, во режија на Ѓорче Ставрески, ќе биде наш национален кандидат за оваа награда за 2019 година.

Конкуренцијата и годинава е силна, меѓу филмовите се добитници на престижни награди.
Деновиве Мексико го избра својот кандидат, филмот „Рома“ на Алфонс Куарон, кој годинава го освои „златниот лав“ на еден од трите најзначајни европски филмски фестивали, „Мостра“ во Венеција. Веста беше очекувана по одличните критики во Венеција и во Торонто, а филмот можеше да се квалификува уште за оваа сезона, бидејќи во текот на август беше прикажан во мексиканските кина. Исто така, стриминг-гигантот „Нетфликс“, кој стои зад филмот, одлучи „Рома“ да не биде емитуван само на оваа онлајн-платформа туку и во киносалите од 14 декември во одбрани градови.

Меѓу досега избраните кандидати за странскиот „оскар“ се: „Валдхајм валц“ на Рут Бекерман (Австрија), „Кристал свон“ на Дарја Зук (Белорусија), „Грл“ на Лукас Донт (Белгија), „Винтер флајс“ на Олмо Омерзу (Чешка), „Енд сандли д дон“ на Силвио Каиози (Чиле), „Кокоте“ на Нелсон Карло де лос Сантос (Доминиканска Република), „Јомедин“ на Абу Бакр Шавки (Египет) и др. Меѓу земјите што кандидираа филм за „оскар“ се и Еквадор, Естонија, Финска, Грузија, Холандија, Ирак, Израел, Јапонија, Колумбија и многу други.

Од регионот, Хрватска го номинира филмот „Осми довереник“ на Иван Салај, кој летово ја доби наградата за долгометражен игран филм на првото издание на „Бич филм фестивал“, кој се одржуваше на плажата Оревче во Охрид. Филмот освои повеќе награди, а меѓу последните се неколку „арени“ на годинешниот Пулски филмски фестивал: за најдобра споредна улога, за визуелни ефекти, за костимографија, сценографија и за музика.

Србија оди со филмот „Прекршители“ на Дејан Зечевиќ. Според комисијата што одлучуваше, ова е една од најлошите филмски години во продукцијата на домашни филмови во Србија. Некои од членовите сметаа дека годинава Србија би требало да се повлече од номинацијата и да не се изложува непотребно на трошоци, кога во новата продукција ниеден претставник не заслужува да конкурира за толку висока награда. Но, сепак, кандидатурата е поддржана од државата, па, оттука, е донесена одлука да се конкурира.

Косово пред Американската филмска академија ќе се претстави со филмот „Брак“ на младата режисерка Блерта Зекири (1979 г.), која студирала драматургија во Приштина, а за време на војната побегнала во Париз, каде што ги продолжила студиите за филм. Нејзиниот краток филм „Враќање“ од 2012 година имаше фестивалска турнеја, на која ги собра наградите во Сараево, на фестивалот „Санденс“, како и на „Гоу шорт“ во Холандија. Со долгометражниот првенец „Брак“ ги освои наградата на критиката и специјалната награда на жирито за глумачкиот ансамбл на фестивалот во Талин, каде што филмот ја имаше светската премиера. Тема на филмот е љубовен триаголник, со изразен ЛГБТ-набој, тема што сѐ уште е табу во патријархалното општество на Косово.

„Не оставај ме“ на Аида Бегиќ, пак, е номиниран за академските филмски награди „оскар“ од Босна и Херцеговина. Филмот ја имаше својата светска премиера на 54. Меѓународен филмски фестивал во Анталија, а приказната ги пренесува на платно трагедијата во Сирија и децата бегалци.

Во конкуренција за „оскар“ е и филмот „Дивата круша“ на турскиот режисер Нури Билге Џејлан, во кој Македонија е копродуцент, преку продукциската куќа „Сестри и брат Митевски продукција“. Филмот ја имаше својата премиера на последниот натпреварувачки ден на Канскиот филмски фестивал годинава, а екипата уште пред да почне проекцијата беше дочекана со 15-минутни овации во огромната „Лумиер сала“ во фестивалската палата во Кан. Џејлан важи за миленик на канската публика откако ја доби „палмата“ во 2014 година за филмот „Зимски сон“.

Конечниот список на филмови номинирани за „оскар“ за филм од неанглиско говорно подрачје ќе биде објавен на 22 јануари, а свеченоста на доделувањето ќе се одржи на 24 февруари.