Со современ танцов перформанс, кореографите Искра Шукарова од Македонија и Урсула Еагли од САД заедно со студентите од катедрата за современ танц при Факултетот за музичка уметност вечер ќе го одбележат Меѓународниот ден на танцот-29 Април. Настанот ќе почне во 20 часот, најпрвин во фоајето, а потоа ќе продолжи во камерната сала на Македонската филхармонија.

Оваа вечер има за цел да направи пресек на уметничкиот и едукативниот современ танцов процес. Публиката ќе има можност да го види работниот процес на студентите при ФМУ и самостојното дело на Урсула Еагли, остварено во рамки со кореографското дело на Шукарова, насловено „Чудна шума“.

На овој современ танцов настан поканет е музичкиот уметник Џијан Емин, кој ќе биде вклучен како соработник во креирањето на музичкиот концепт. Заедно со Јошико Чума од Јапонија, Емин во 2007 година во Њујорк веќе оствари соработка со Шукарова и со Еагли на проектот „Страница надвор од редот“.

Еагли и Шукарова првпат ги соединија своите креативни сили во Њујорк, заедно со Јошико Чума. Две години по нивната соработка, тие лансираа заеднички проект, исто така во Њујорк, во 2008 година. Заедно соработуваа и во 2010 година во Драмскиот театар во Скопје, со поддршка на Dance Theater Workshop’s Suitcase Fund, потоа во 2011-та како дел од NYC’s Performance Mix Festival и со поддршка на Trust for Mutual Understanding и во 2015 година како дел од фестивалот „Локомоушн“ во Скопје. 

Програмата што ќе биде претставена на Денот на танцот ќе биде изведена како перформанс на кој, како што велат и двете кореографки, ќе се обидат да ја воспостават нишката на структурираното општествено живеење.

Во проектот „Чудна шума“ учествуваат: Урсула Еагли, Искра Шукарова, Деана Антевска, Јована Јанчовска, Бојан Мицев, Јана Петровска, Росана Стефанова, Ана Маркоска, Марија Ристеска, Теодора Ежовска, Христина Ангеловска, Стефанија Лефтеровска, Милена Гаврилова, Тања Василевска, Елена Костадинова, Бисера Димчева, Ангела Костадиновска и Олга Серафимова.

На овој настан ќе биде промовирана и работата на катедрата за балетска педагогија – отсек за современ танц, која е формирана во 2010 година на ФМУ.

За одбележувањето на Меѓународниот ден на танцот ќе се сподели пораката од  младиот и успешен Марко Мицов, балетски танчер кој живее и работи во САД.  

-Танцот дава смисла на животот, дава неисцрпна енергија, дава мотив за создавање нови дела кои причинуваат непроценливо задоволство. Танцот е мој сон, кој вечно ќе го сонувам. Тој е извор на енергија и задоволство, тој е наш вечен пријател.  На овој голем ден, на овој јубилеј сакам да порачам дека танцот е непроценливо богатство на човештвото. Танцот не зближува и припаѓа на сите луѓе во светот подеднакво. Ние танчерите и сите други да го правиме танцот стил на живеење, светски гласник на мирот, гласник на еднакви можности и еднаквост за сите во сите делови на земјината топка. Како танчер имам желба оваа порака да стаса до народот на Сирија – вели меѓу другото, Мицов во својата порака.

Пораката оваа година ќе ја прочита Нина Костовска од Центарот за Даунов синдром во Македонија, со кои Шукарова соработува преку проектот „И јас сакам да бидам балерина“, а поддржан од УНИЦЕФ.

Танцовиот перформанс е овозможен со поддршка од Македонската филхармонија, а во соработка со ФМУ-УКИМ, како и од фондот GPS-Global Practice Sharing/Trust for Mutual Understanding and Movement Research. Оваа програма е уште еден настан од проектот инициран од Шукарова, Nomad to Nomad, како дел од NGO Nomad Dance Academy-Macedonia.