Музејот за уметност „Метрополитен“ во Њујорк го одложи својот датум на повторно отворање од 1 јули до средината на август или „можеби неколку недели подоцна“. Музејот вели дека одложеното отворање се планира да го следи претпазливиот план на државата Њујорк за повторно отворање, откако ќе се забележи пад на случаите на коронавирус.

„Мет“ претставуваше пример за голем број уметнички институции кога на 12 март се затвори како одговор на пандемијата на коронавирусот. Музејот, кој подоцна предложи датум за повторно отворање на 1 јули, оттогаш откри дека очекува буџетски недостиг од дури 150 милиони американски долари за тековната и следната фискална година, поради загуба на приходите од приеми, операции на мало, изнајмувања за настани и други извори на приходи, а како резултат на тоа, отпушти 81 член од персоналот.

– Кога повторно ќе се отвори, деновите и часовите во кои посетителите ќе бидат добредојдени ќе се намалат, со оглед на потребата да се обезбеди средина што ги почитува барањата за физичка оддалеченост. Музеите низ целиот свет што се отворија откако беа погодени од кризата со коронавирусот, усвоија мерки на претпазливост, како што се стоење на шест метри оддалеченост, вршење температурни проверки и задолжително носење маски, за да се осигури безбедност – се вели во соопштението на музејот.

Сите тури, предавања, концерти и други настани се откажани до крајот на годината. „Мет гала“, која првично беше закажана за 4 мај, а потоа одложена на неодредено време, на тема „Мода и времетраење“, ќе биде отворена на 29 октомври.
– „Метрополитен“ претрпе многу во своите 150 години постоење и денес продолжува како светилник на надежта за иднината. Овој музеј е исто така длабок потсетник за силата на човековиот дух и моќта на уметноста да понуди утеха, инспирација и заедница.

Додека ги издржуваме овие предизвикувачки и неизвесни времиња, ние сме охрабрени и со нетрпение го очекуваме денот кога ќе можеме уште еднаш да ги поздравиме сите и да им посакаме да уживаат во колекцијата и изложбите – вели Даниел Х. Вајс, претседател и извршен директор на „Метрополитен“.