Вечерва, со почеток во 20 часот, во Народниот театар во Охрид, премиерно ќе се изведе „Метод“ од Жорди Галсеран, еден од најпоставуваните современи шпански текстови во регионот, кој првпат е преведен на македонски. Претставата, во режија на Ирена Стеријовска, ќе се најде на репертоарот на театарот.

„Метод“ зборува за последното интервју на финалните четири кандидати за висока позиција во голема интернационалана компанија. Во оваа приказна, преку интригантна сатира кон модерното сфаќање на капитализмот и општеството воопшто, се анализира природата на човекот. Концептот го поставува човекот во инфериорна позиција во однос на „големата слика“ и го поставува прашањето колку голема е всушност „големата слика“. Преку интензивните трилер-ситуации се игра со публиката и она што таа мисли дека го знае, исто како што дејството си игра со ликовите и она што тие мислат дека го знаат. Така се создава еден модерен психолошки трилер со интензитет и темпо што ја вовлекуваат публиката толку активно да ги следи заплетите што и самата станува петтиот лик во оваа пиеса.

Улогите во оваа претстава ги толкуваат актерите: Стрезо Стаматовски, Ивица Цонев, Елизабета Стефановска и Јаков Спасов. Цената на билетот ќе изнесува 200 денари.