Работен по концепт и кореографија на Ивана Коцевска, балетот „Метаморфоза, кој завчеравечер премиерно беше одигран на сцената на Македонската опера и балет, од почетокот го задржа фокусот на публиката на впечатливата игра на Коцевска, но и на другите млади танчари и танчарки. Работен по музика на Филип Глас и Иван Пенов, во клавирска изведба на сцената на Дино Имери, со минималистички и впечатливи костимографски решенија на Милена Атанасова, балетот и започна со незаборавен момент на преобразба, кога како во светот на инсектите, но обвиткана во еластично бело платно, Ивана Коцевска полека се трансформира висејќи на сцената со главата кон подот. И до крајот на претставата заедно со другите танчари, Илијана Данаилов, Христина Наќевска, Ангела Велевска, Ивана Димковска, Меланија Гоцевска, Медина Јусуфович, Виолета Карајанова, Мартина Димовска, Исидора Краљевска, Мирослав Митрашиновиќ, Ендру Кук, Бојан Мицев, Теодора Ежовска, ги истражуваше и ефектно ги презентираше, како и што беше најавено, можностите на телото како субјект на состојби и сензации, како збир на афекти.
– Концептот на претставата беше визуелно да се прикаже трансформацијата на една личност, а другите танчари ги претставуваа мислите и внатрешната состојба на личноста. Затоа и од кореографски аспект беа претставени да се појавуваат од една права линија и да се распрскуваат низ сцената – рече Коцевска вчера, задоволна од начинот на кој заедно со младите танчари од СМУЦ „Илија Николовски-Луј“, од класата на проф. Соња Здравковска-Цепаровска, ја одигра премиерата.
Таа ја нагласи и улогата на инспициентката Јована Петровска во водењето на претставата, на фотографот Сашо Н. Алушевски, но и на повеќе нејзини пријатели за истата таа да биде реализирана. К.Б.