Фестивалот на европски долгометражен документарен филм „Седум величествени“ во Белград, на 9 април, ќе биде отворен со проекција на победникот на престижниот фестивал „Санденс“, документарниот филм „Медена земја“, во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

– Камерата и фотографијата на двајца наградени сниматели, Фејми Даут и Самир Љума, креира магични глетки. Режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов нè воведуваат деликатно во импресивен свет што е исткаен од лирски интонирани мигови на интима и од визуелно богати динамични сцени. Најпосле, искусниот продуцент и монтажер Атанас Георгиев сјајно креирал интересна и драматична наративна структура и преку неа ритам, кој „Медена земја“ го претвора во вистинско киноуживање – пишува во најавата на фестивалот „Седум величествени“.