Џон Вилијамс

Годинешново, 92. доделување на најпрестижната филмска награда „оскар“, сонот на секој филмаџија, има една нишка што ги поврзува филмот „Медена земја“ и композиторот Џон Вилијамс – и едниот и другиот се своевидни куриозитети.
Првпат во историјата на „оскарите“ еден документарен филм е номиниран во две категории – најдобар документарен филм и најдобар странски филм (категорија што до април 2019 се нарекуваше „најдобар филм од неанглиско говорно подрачје“). Нашата „Медена земја“ е филм што го менува животот на секој што ја сфатил длабочината на пораката, неговиот лајтмотив.

Годинашната манифестација има и еден нов рекорд, маестралниот Џон Вилијамс (роден на 8 февруари 1932 година) го собори сопствениот рекорд во бројот на номинации: годинава, за филмот „Војна на ѕвездите – издигнувањето на Скајвокер“, тој е номиниран по 52. пат, во категоријата најдобра оригинална музика. Од првото доделување на „оскарот“ во оваа категорија, во 1935 година, до денес, ниту еден поединец нема толкав број номинации ниту, пак, некој има толку номинации во иста категорија. Така, Џон Вилијамс со 47 номинации за најдобра оригинална музика и пет за најдобра оригинална песна се наоѓа на чекор зад Волт Дизни, кој 59 пати е номиниран за „оскар“, но во повеќе различни категории. Долг пат изодел Вилијамс до годинешниот рекорд. Првпат е номиниран во 1968 година, за музиката за филмот „Долина на куклите“. Златната статуетка првпат ја освоил во 1972 година, за филмот „Свирачот на покрив“. Следува музиката за „Jaws“ во 1976-та, по неа „Војна на ѕвездите“ во 1978-та, „Е.Т.“ во 1982-та и „Шиндлеровата листа“ во 1994-та. Покрај петте „оскари“, Џон Вилијамс освоил и 25 награди „греми“, седум награди „бафта“, три „еми“, како и четири „златни глобуси“.

Во овие денови на возбуда и исчекување, сите посакуваме два „оскара“ за нашите „медени“. А бидејќи музиката е дел од моето срце, јас посакувам „оскар“ и за Џон Вилијамс. Да стискаме палци!

Лада Шоптрајанова Петровска