Македонскиот документарен филм „Медена земја“ премиерно ќе биде прикажан на 38. издание на филмскиот фестивал „Санденс“ (Sundance), чие годинашно издание ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари во Јута, САД. Премиерата е закажана за 28 јануари по што ќе следуваат уште седум проекции на оваа кинематографска манифестација. Документарецот е во официјална конкуренција на престижниот фестивал за независни филмови во категорија со уште 11 други документарни филмови од целиот свет.

– Влегувањето на „Медена земја“ во официјална конкуренција на долгометражни документарни филмови на еден од најзначајните фестивали во светот е од големо значење за екипата на филмот, но и за македонската кинематографија. „Санденс“ е најголем американски фестивал на независен филм и еден од најпрестижните во светот, на ниво на фестивалите во Берлин, Кан, Венеција и други. Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција на „Санденс“ – истакна продуцентот Атанас Георгиев на денешната прес-конференција во Младинскиот културен центар во Скопје.

Филмот е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а продуцент е Атанас Георгиев, кој ја направи и монтажата. Сниматели се Фејми Даут и Самир Љума. Зад музиката стојат членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут.

– Тригодишната работа на „Медена земја“ донесе две клучни работи во мојот живот: созревање како човек и автор, и уште една голема фамилија составена од екипата со која поминавме многу неверојатни настани, како и протагонистите на филмот кои нѐ прифатија со цело срце. „Медена земја“ не е само филм кој го направивме. „Медена земја“ е животно училиште за сите нас, кое нѐ научи на многу поскромен однос кон животот и многу побескомпромисен пристап кон самото создавање филм. Може да се рече дека за големината на она кое го направивме и ќе го оставиме на светот да го види и самите сѐ уште не сме доволно свесни и тек ќе посведочиме – изјави режисерката Котевска.

„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на земјините ресурси.

– Филмот е повеќеслоен, го покажува животот – сам по себе. Опфаќа раѓање, живот и смрт. Главната порака е дека треба да има фер поделба, односно користење на природните ресурси. Тоа всушност е и принципот на одгледување на пчелите на Атиџе, која половина од медот го зема за себе, а половина им го остава на пчелите. Човекот треба да зема од природата колку што му треба, но и да остави за оној кој тоа го произведува – во случајов пчелите. Со ова не само што им овозможува на пчелите да преживеат, туку обезбедува сигурен извор на храна и за себе, тогаш кога тоа ќе ѝ биде најпотребно – открива режисерот Љубо Стефанов.

Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.