„Мајкрософт“ неодамна објави реклама за својата нова технологија на „измешана“ стварност, со чија помош славната уметница пионерка на перформансот Марина Абрамовиќ создаде холограмски перформанс насловен „Животот“. Меѓутоа, видеото брзо потоа беше избришано од Јутјуб.
Во почетокот на годината „Мајкрософт“ најави партнерство со една од најголемите современи живи уметници Марина Абрамовиќ. Заедно требаше да ја претстават најновата технологија на компанијата, спој на проширена и виртуелна реалност, преку перформансот најавен како прво светско уметничко дело направено во медиумот „миксд риалити“, со помош на уредот за холограмски приказ „хололенс 2“.

„Животот“ ексклузивно беше прикажан минатата година во Лондон, а годинава требаше да пропатува низ светот и потоа да биде понуден во аукциската куќа „Кристи“. Перформансот е холограм на Абрамовиќ во црвен фустан, видлив само со помош на очилата „хололенс 2“. Посебноста на овој медиум е во тоа што додека посетителите низ очила го гледаат холограмот, не се наоѓаат во виртуелна реалност, туку истовремено можат да го видат и стварниот свет околу себе. Овој проект требаше да биде своевидно продолжение на славниот перформанс на Абрамовиќ „Уметникот е присутен“ од 2010 г.

– Верувам дека уметноста на иднината е уметност без материјални објекти, чиста трансмисија на енергијата меѓу гледачот и уметникот. За мене измешаната реалност е иднината – изјави Абрамовиќ и додаде дека оваа технологија би можела да го револуционизира медиумот на перформансот, кој не може адекватно да се пренесе во видео или фотографски медиум.

Рекламата за овој проект исчезна од Јутјуб, наводно затоа што добила многу „дислајкови“, па била избришана, а веќе се јавија и голем број теоретичари на заговори, кои со години ги прогонуваат Бил Гејтс и „Мајкрософт“, но и оваа уметница, обвинувајќи ги за практикување сатанизам и учество во аферите со поранешната американска кандидатка за претседател Хилари Клинтон.