Швајцарската фотографка Карол Алкабес прави серија фотографии снимени во тригодишната потрага по катакомбите во католичките цркви во Швајцарија во кои се наоѓаат украсени трупови на светци. Делата од циклусот „Маченици“, кои се поместени и во книгата „Маченици, заборавени реликвии“, од 28 јуни може да ги види и белградската публика.

– Реликвиите, особено оние што се во старите католички цркви во Швајцарија кријат во себе необично признание за неверувањето. Бидејќи верата почива на духовно посветување и свесен избор да не се послуша разумот, неа не ѝ се потребни докази. Меѓутоа, овие мошти го покажуваат токму спротивното, тие се токму тоа – докази. Нивната мисија е да ги потсетуваат луѓето дека постоењето на Бог не е некаква илузија туку сосема материјален феномен – наведува Давид Лауфер, кој го напиша текстот за изложбата.

Наспроти врежаното мислење, ние не сме се промениле од далечниот 16 век наваму. И натаму бараме докази – за љубов, пријателство, подобра иднина.

– Коските што ги гледаме не се ни чудни ни морбидни, иако оставаат таков впечаток. Тие само го одразуваат она што сите меѓусебно го делиме кога станува збор за чудното и морбидното: нашиот страв од смртта, нашата жед за убавина наспроти сѐ грдо во секојдневниот живот, нема сомнеж и желба да веруваме – вели Лауфер.

Карол Алкабес одлучила да се воздржи од интервенции во затекнатите поставки, тие се сценографски токму какви што биле замислени пред пет века. Одеждата, украсите и светлината исто така се автентични. Поставувајќи се како сведок и препуштајќи им на предметите да зборуваат за себе и за оние што ги направиле, Карол Алкабес им овозможува на посетителите да се приближат до нивното гледиште и не им го наметнува својот суд или коментар.

На изложбата е направен избор на фотографии со помал формат за гледачот на оваа интимна поставка да мора да се приближи да ги види, без страв од скелетите и драгоцените украси бидејќи нивната историја се пренесува токму така, со внимателно посматрање одблизу.

Карол Алкабес (1973) е независна швајцарска фотографка, која дипломата од областа на новинарската фотографија ја стекнала на Школата за ликовни уметности во Сан Франциско.