Меѓународната мрежа на ИТИ УНЕСКО, годинава слави јубилеј 70 години од своето постоење и дејствување (1948-2018). Танцовиот одбор на Македонскиот центар на ИТИ за оваа 2018 година, го избраа младиот и успешен Марко Мицов, балетски танчар што живее и работи во САД, за автор на македонската театарска порака по повод 29 април – Меѓународниот ден на танцот. Во пораката младиот Мицов говори како тој го доживува танцот во однос на животот, во однос на светот.

– Танцот дава му смисла на животот, дава неисцрпна енергија, дава мотив за создавање нови дела што причинуваат непроценливо задоволство. Танцот е мој сон, кој вечно ќе го сонувам. Тој е извор на енергија и задоволство, тој е наш вечен пријател. На овој голем ден, на овој јубилеј сакам да порачам дека танцот е непроценливо богатство на човештвото. Танцот нѐ зближува и припаѓа на сите луѓе во светот еднакво. Ние танчарите и сите други да го правиме танцот стил на живеење, светски гласник на мирот, гласник на еднакви можности и еднаквост за сите во сите делови на Земјината топка. Како танчар имам желба оваа порака да стигне до народот на Сирија – вели меѓу другото, Мицов во својата порака.

Тој изразува и жалење што досега од Македонската опера и балет го немаат покането и ангажирано на проект. На Американците, вели, им е необично што толку талентиран танцов уметник доаѓа, студира и настапува во САД без референци за претходни професионални, сценски настапи во Македонија (надвор од образованието на Факултетот за музички уметности/УКИМ, Скопје).
По повод јубилејот на Меѓународната мрежа на ИТИ УНЕСКО, регионалните центри на ИТИ во Европа, Африка, Азија, Америка и Арапскиот центар на ИТИ организираа повелби за пет заслужни театарски уметници-танчари, кореографи од светот.