Изложбата насловена „Марини“ од уметникот Ацо Таневски ќе биде отворена денеска, во 12 часот, во изложбениот салон на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Таа содржи 28 дела, пејзажи масло на платно, изработени во периодот од 2002 до 2012 година.
– На моите дела се прикажани марини од морето, езерото. Тоа ми беше преокупација петнаесетина години, а делата се продукт на мојата филозофија дека човекот е напасник на планетата и природата. Ја уништуваме природата, околината, а со тоа и морските површини. Затоа на моите дела отсуствува човекот, таму е дадена самата природа, која е недопрена – вели Таневски.
Ацо Таневски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности (Педагошки, отсек сликарство) во Скопје. Член е на ДЛУМ и активен член на Сојузот на ликовните педагози, со десетгодишно искуство од областа на образованието. Работи како ликовен едукатор во Националната галерија на Македонија. Организатор е на едукативни работилници и изложби за млади. Освен со ликовна, се занимава и со театарска и книжевна уметност. Учествувал на стотина групни изложби во земјата и во странство и на четириесетина ликовни колонии.