Марина Абрамовиќ (71), славната концептуална уметница и мајстор на перформансот, во Музејот на современата уметност во Белград ќе приреди ретроспективна изложба со наслов „Чистач“, кoja ќе биде отворена на 21 септември 2019 година. Изложбата ќе биде поставена само во седум града во Европа, а по Стокхолом, Копенхаген, Осло, Бон, Фиренца и полски Торун, ќе заврши во родниот град на Марина, Белград каде што последен пат таа изложувала во 1975 година.
– Поканата за ретроспективата навистина ме израдува. Кога претседателката на Владата, Ана Брнабиќ, првпат ми се јави, бев многу возбудена и среќна, бидејќи ова е првпат некој од нашите официјални претставници да ми се обрати по повод изложбата во мојот роден град. Оваа посета на Белград за мене е многу емотивна, бидејќи сакам да посетам повеќе места, особено оние каде што сум пораснала, каде што минував време додека бев мала. Возбудена сум бидејќи имам впечаток дека сум се вратила дома, поради некои сеќавања и времиња што ме правеа навистина среќна, бидејќи тоа беше еден од поубавите периоди во мојот живот. Сето ова е едно многу убаво емотивно изненадување – открива Марина, ексклузивно за списанието „Глорија“, а деновиве разговорот го пренесе и порталот „Б92“.
Славната уметница во српската престолнина престојувала неколку дена, пред сѐ, за да се договори со управата на музејот и со кустосите на изложбата, Јерко Денегри-Јеша и Дејан Стефановиќ за деталите.

Изложбата ќе биде поделена во два сегмента. Првиот го опфаќа белградскиот период на нејзиното творештво, кој ќе го обработи Јеша бидејќи е современик на Марина и целосно е упатен во почетоците на нејзината кариера. За другиот дел е задолжен Дејан и тој ќе го опфати опусот што е врзан за периодот кога таа заминала во странство, од 1975 година до денес. Намера на организаторите е да направат уметнички спектакл, односно, белградската ретроспектива да биде целосно различна од другите организирани во другите градови на Европа – да биде многу пообемна, поширока и различна, односно поставката да биде во целиот музеј. Особено внимание ќе им биде посветено на перформерите, а за тоа колку уметницата на тоа сериозно му се посветила сведочи фактот дека со неа од Њујорк допатувала и Линдзи Пајсингер, која ги тренира перформерите.
– Ќе направиме некој вид конкурс на сите ликовни и академии за перформинг арт. Целта ни е да се јават и да дојдат што повеќе луѓе со кои ќе работиме тренинзи за перформери. Сакам организацијата да биде значајна како и онаа во Њујорк, кога имав перформанс во „МоМА“, кој го виделе повеќе од 750 илјади луѓе. Би сакала мојата изложба да биде исклучително посетена и имам намера да направам токму сѐ што е потребно за оние што ќе дојдат да ја видат да бидат воодушевени, да излезат од неа со силни впечатоци и со интересни коментари. Всушност, поради тоа сиот живот го работам ова што го работам. Цел ми е пред сѐ на младите да им покажам нешто што ќе им отвори нови видици, да видат некои работи врзани за периодот што беше многу влијателен и кај нас и во светот кога е во прашање уметноста – објаснува Марина.
За неа беше особено емотивна и топла средбата со Јеша Денегри, кој може да се рече од почетокот ги следел не само нејзините туку и работите на другите членови на „Групата 6“, чиј член беше и таа.

– Беше тоа прекрасна средба полна сеќавања на сите тие различни изложби што ги правевме, на уметниците што тогаш своите работи ги претставуваа пред сѐ во градината на Студентскиот културен центар, на времињата што беа многу поразлични од денешниве, кога сите работеа со многу ентузијазам – вели Абрамовиќ.
За неа ова е голем предизвик и таа отворена е за секаква соработка за резултатот навистина да биде спектакуларен. Возбудена е, но и многу фокусирана, иако до отворањето има скоро 15 месеци, сериозно се занимава и со програмата и со тоа како ќе изгледа изложбата. А во родниот град, кој во последните децении ретко го посетувала, обично на ден-два, во иднина ќе престојува почесто и подолго. Следната година, за време на финалните подготовки на изложбата ќе биде во Белград, барем два месеца. Колку и недостигал во претходниот период сведочи и фактот дека неретко бил дел од нејзините соништа, бидејќи како што старее, сѐ повеќе чувствува потреба да се враќа во пределите на своето детство и младост.
– Сѐ што ви недостига се изразува на тој начин. Кога сте млади, сакате што побрзо да отидете, да запознаете други култури и градови, а колку сте постари, спомените од детството и од младоста стануваат сѐ поинтензивни. Секогаш ми се враќаат сликите на градот во кој сум се родила и школувала – открива таа во едно од интервјуата на „Глорија“.

Одговарајќи на прашањето дали нешто би променила во својата кариера, уметницата категорично одговорила дека не би променила, бидејќи е убедена дека било потребно да го помине целиот тој пат за да стигне на местото на кое е денес во светската уметност.
– Да бил полесен, не би бил за мене, самата избирав каде ќе одам. Ги сакам патиштата каде што има пречки, бидејќи тие ме тераат да ги надминам. Сакам и млади луѓе, тие ми даваат енергија, и би сакала на младите во Србија и во Белград да им ги пренесам своето знаење и искуство – вели уметницата.
Луѓето во секојдневните, случајни средби на улица прекрасно реагираат на Марина, пренесува „Б92“, крајно се непосредни, ѝ приоѓаат и веднаш почнуваат разговор, а таа е трогната од контактите и ужива во разговорите со нив. Средбите во Белград се целосно различни од тие во Њујорк, градот во кој со години живее, пред сѐ поради срдечноста на овдешните граѓани. А освен на средбите со луѓето, Марина тешко може да одолее и на српската храна, тоа ѝ е навистина слаба точка. И тоа онаа најкласичната српска кујна.