Продукцијата „Сектор филм“ и режисерот Милчо Манчевски повикуваат студентки и студенти на наставните програми по актерска игра на аудиција за неговиот нов игран филм „Врба“.
– Доколку сте на возраст од 18 до 32 години и актерството ви е остварена или планирана професија, ве молиме да нѐ контактирате на: [email protected] за да ви доставиме дополнителни информации за аудицијата. За актерките и за актерите од другите возрасти ќе објавиме повик во текот на следниот месец – соопшти продукцијата.

Еден од најпознатите британски продуценти Ник Пауел на „Канскиот филмски фестивал“ го претстави новиот филм на Манчевски „Врба“. Пауел, кој минатото лето се повлече од функцијата директор на Националната филмска и телевизиска школа во Велика Британија, моментно работи со нашиот добитник на „златен лав“ на новиот филм и на фестивалот во Кан бара германски копродуценти.
„Врба“ ќе почне да се снима во Македонија на почетокот од есента, филмот се состои од две љубовни приказни, и двете поставени во Македонија. Едната се одвива во 17 век во руралните средини, а другата, пак, во современа урбана средина. И покрај тоа што станува збор за приказни разделени со стотици години, искуствата на двојките се преплетуваат.

– Тоа е игра на огледала меѓу двете приказни, двете двојки, што ја движат оваа приказна – објасни Манчевски.
Новиот проект ќе го одбележи враќањето на Манчевски од Њујорк во Македонија по речиси една деценија. Проектот е поддржан од Агенцијата за македонски филм. Партнери на проектот се Владимир Анастасов од продукцијата „Сектор филм“, Игор Нола од „Мејнфрејм продукција“ и браќата Чучков во Бугарија.