Фото: Архива

Најновиот американски филм „Бикини Мун“ во режија на Милчо Манчевски својата премиера ќе ја доживее на 22 март во киното „Милениум“ со почеток во 20 часот.

По тој повод Манчевски имаше средба со новинарите на која присуствуваа и композиторот на музиката за филмот Игор Василев – Новоградска, британскиот дизајнер на продукција Дејвид Манс, кој како дизајнер на продукција има работено на сите досегашни филмови, видео-реклами и видео-спотови на Манчевски. Манс е добитник на специјална награда за придонес во македонската култура пред пет години и наедно е Оскаровец за кусиот филм „Six Shooter“ на холивудскиот режисер Мартин Мекдонаг.

– Сакам да им се заблагодарам на сите што овозможија филмот да ја види Македонија. Каде понатаму ќе се прикажува филмот, не можам да имам контрола. Не можеш да се занимаваш колку и како ќе биде разбран, тоа ќе го видиме. Најважно е тоа да биде филм какво што делото бара. Ова е филм во филм. Лажен синема верите-документарец. Приказната зборува за жена-борец од Ирак, што живее во Њујорк и како таа го перципира светот, како и филм за тоа како медиумите ја менуваат вистината за која известуваат. Работев со глумци што го знаат занаетот, а тоа е многу поважно од тоа како изгледаат – објаснува Милчо Манчевски.

Дизајнерот на продукција, Дејвид Манс изрази големо задоволство што повторно работи со Манчевски, а првпат соработувале пред 25 години, кога работеле на „Пред дождот“.

Композиторот на музиката за филмот Игор Василев – Новоградска изјави дека не е лесно да се направи музика за филм.

– Секој филм има свој предизвик. Како да се работи музиката, што е соодветно за филмот, на се` мора да се мисли – рече Новоградска.

Дизајнерот на визуелните ефекти, Мишо Ристов, изјави дека се потрудиле филмот да изгледа максимално природно.

– Ефектите се потскриени, изгледаат како да се дел од фотографијата. Ефектите се суптилни и се надевам ќе го збогатат филмот – рече Ристов.

Македонија е прва земја каде што ќе се прикажува „Бикини Мун“ и каде што ќе биде ставен на редовен репертоар.