„Мандала“ на Јана Андреевска се слушна и во Фрајбург

Делото „Мандала“ на македонската композиторка Јана Андреевска, создадено во 2015 г., е изведено и на фестивалот „Меркланг“, во германскиот град Фрајбург, од ансамблот „Авенчр“, на 16 јуни. На ова годинешно, јубилејно, 10-то фестивалско издание, публиката имаше можност да ја чуе оваа композиција за осум инструменти, која првпат беше изведена од ансамблот „Кон темпора“ на Деновите на македонска музика во 2016 г.

– Првпат ме изведуваат на овој фестивал, голема чест е што токму по овој повод и во ваков контекст, бидејќи ансамблот „Авенчр“ веќе подолго време сакаше да ја изведе композицијата – вели Андреевска.
Таа потсети дека „Мандала“ е една од композициите од нејзиното прво авторско цеде, кое под насловот „…Сокол ли сум, бура или бескрајна песна?“ беше промовирано во Скопје на почетокот на годинава.

– „Мандала“ досега е изведена и во Турција, а есенва е планирана и изведба во Белград, на трибина за современо музичко творештво, во исто време со изведба на Квартетот саксофони во Тел Авив – рече меѓу другото композиторката.
„Мандала“ за осум инструменти е дело што првично е наменето за отворен ансамбл. На санскрит „мандала“ значи „круг“, спиритуален и ритуален симбол што се користи за медитација, за воспоставување свет простор преку постојано размислување до степен на заситеност во процесот, кој претставува патување од надворешниот до внатрешниот сакрален центар. K.Б.