Во манастирот „Св. Богородица Милостива“ (Елеуса) во струмичкото село Вељуса денеска беше потпишан грантот од амбасадорскиот фонд на САД наменет за конзервација и реставрација на овој значаен споменик на културата од средновизантиската епоха зачуван на македонска територија.

Средствата од овој грант ќе се искористат за комплетна заштита на манастирот „Елеуса“, за покривот и фасадата, како и за конзервација на фреските и на иконите и за чистење на мозаиците.
Грантот го потпишаа амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс, и министерот за култура, Хусни Исмаили.

– Министерството за култура во повеќе наврати во изминатите години финансиски интервенира за заштита на овој значаен белег на културното наследство на Северна Македонија, но со потпишувањето на грантот од амбасадорскиот фонд на САД ќе се придонесе за ревитализација и за подолгорочна санација и заштита на вредниот објект, како и на живописот, кој има единствени иконографски решенија што биле инспирација за натамошниот развој на византиското монументално сликарство – истакна министерот Исмаили.

Манастирот „Елеуса“ датира од XI век, а неговите градители имаат влијание од современите архитектонски решенија од византиската престолнина и се одраз на непосредните влијанија од цариградската градителска традиција.