Од светското кино

Италија, 1900 година. Бебето на младата Агата е мртвородено и така осудено на лимбо (наводното живеалиште на душите на некрстените доенчиња што умираат пред Христовото доаѓање.) Агата слуша за место во планините каде што доенчињата можат да се вратат во живот само со еден здив, за да ги крстат и да им ја спасат душата. Таа тргнува на патување со малото тело на нејзината ќерка скриено во кутија и се среќава со Линкс, осамено момче што ѝ нуди да ѝ помогне. Овие два карактера се поврзани, не само затоа што се на пат туку и затоа што и двајцата се одвоени од своите заедници, не припаѓаат на ниту еден свет, ни духовен ни физички.
Филмот „Мало тело“ е драма во режија на Лора Самани. Претставува антрополошка парабола за неочигледните зависности помеѓу жените и остатокот од општеството, но и меѓусебно. Критичарите го оценуваат „Мало тело“ како скромен и тивок филм што ја следи хероината по должината на целиот филм. Велат презентираниот свет и ликовите со кои Агата се среќава на нејзиното патување се само скици, како духови што се среќаваат на патот кон лимбо или бездната.
Во своето долгометражно филмско деби, Самани флертува со магичниот реализам. Иако понекогаш се движи опасно блиску до граница на претерување, а некои од нејзините ликови изгледаат премногу деликатно исцртани и неконзистентни со прикажаниот свет, таа има неверојатна способност да понуди критичка деконструкција на општествените односи преку навидум едноставна приказна. „Патот на Агата кон лимбо е исто така пат низ лимбо, бездната на маргинализирачкото општество и немилосрдното христијанство“, посочуваат филмските критичари.
„Мало тело“ е снимен годинава, во копродукција на Италија, Словенија и Франција. Беше во официјалната програма на Канскиот филмски фестивал.