Младен Туниќ работел во весникот „Нова Македонија“, како ликовен уредник илустратор. Туниќ е еден од основачите на „Детска радост“, каде што бил и одговорен ликовен уредник на сите детски списанија. Илустрирал и книги за возрасни, а учествувал и на многу изложби во Македонија и во странство

Со ретроспективна изложба на дела на илустраторот Младен Туниќ, еден од доајените на македонската илустрација, во „Чифте-амам“ започна третото издание на фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“. На него, меѓу другото, годинава онлајн мастерклас ќе одржи хрватскиот илустратор, Свјетлан Јунаковиќ. На изложбата со наслов „Детската радост на Младен Туниќ“, можат да се видат околу 230 илустрации од сликовници, детски книги, учебници, детски списанија, четириесетина книги.
– За Туниќ има многу малку пишани податоци, многу малку се чуваат неговите дела и сѐ што успеавме да собереме е со помош и огромна поддршка на неговото семејство, на кое сме му особено благодарни. По организирањето на изложбата на Димитар Кондовски минатата година, одлучивме дека мораме да продолжиме во оваа насока и на новите генерации да им ги промовираме корените, основите на илустрацијата и на книгоиздателството – посочија од „Литера“.
Младен Туниќ е роден во Призрен во 1930 година. Неговото семејство се преселило во Скопје кога тој имал пет години. Во Скопје, каде што останал до крајот на животот, го завршил и Средното училиште за применета уметност, на отсекот сликарство. Работел во весникот „Нова Македонија“, како ликовен уредник илустратор. Туниќ е еден од основачите на „Детска радост“, каде што бил и одговорен ликовен уредник на сите детски списанија. Бил ликовен уредник и во весникот „Вечер“ и е автор на неговото лого. Илустрирал и книги за возрасни, а учествувал и на многу изложби во Македонија и во странство. Починал во 1985 година.

Хрватскиот илустратор, сликар и скулптор, Свјетлан Јунаковиќ, пак, кој се смета за еден од предводниците на хрватската уметничка сцена, ќе одржи онлајн мастерклас на 7 јуни во 18 часот на зум-платформата. Предвидено е работилницата да трае два часа, а истата таа е наменета за студенти, млади илустратори, уметници и за сите други што сакаат да дознаат повеќе за илустрацијата. Свјетлан Јунаковиќ е роден во 1961 година во Загреб. Најдобро е познат по детските сликовници. Добитник е на повеќе меѓународни награди за илустрации, а учествувал и на голем број изложби низ Европа. Дипломирал на академијата „Брера“ во Милано, каде што и специјализирал скулптура. Професор е на Академијата за применета уметност во Загреб и на Меѓународната школа во Сармеде, Италија. Бил и финалист на Меѓународното биенале на наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ во 2008 и во 2010 година.

На 8 јуни со почеток во 19 часот, во „Чифте-амам“ ќе се одржува тркалезна маса на темата „Како македонската литература за деца полесно да ги помине границите на нашата земја?“. Ќе учествуваат: Билјана Црвенковска, писателка и основачка на „Чудна шума“, Александра Јуруковска, литературна критичарка, Татјана Димовска-Атанасовска, уредничка во „Арс ламина“ и Ване Костуранов, илустратор и автор на сликовници. Модераторка е Сребра Ѓорѓијевска. Третото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца годинава е во проширен формат. Тркалезни маси и работилници за деца ќе бидат одржани во неговиот втор дел, во септември, а планирано е наесен да се одржи патувачки карван во руралните средини.