Децата научија дека археолошките ископувања не се одвиваат само некаде далеку во светот, туку вистинското богатство може да биде скриено под земјата што ја газат секојдневно

Во Археолошкиот музеј во Скопје се одржа работилница, на која им беше дадена можност на децата да станат вистински мали археолози. Работилницата е дел од програмата на фестивалот на детската креативност „Трамболини 2021“, организиран од Детскиот културен центар – Карпош и Град Скопје.
– На работилницата „Мали археолози“, децата научија на креативен начин што е навистина археологијата и дека почвата под нив што секојдневно ја газат, може да им даде многу информации и археолошки докази. Сево ова се реализира во едукативната просторија во археолошкиот музеј, каде што во делот што е исполнет со слоеви земја, се наоѓаа предмети што одговараат на одредени временски периоди. Покрај тоа што на еден ден се најдоа во улога на мали истражувачи, учесниците во работилницата дознаа како под површината на земјата лежи цел свет во кој никој никогаш не знае што ќе се најде – велат организаторите, кои особено ѝ се благодарни на директорката на Археолошкиот музеј, Славица Бабамова, која несебично му ја даде својата поддршка на овој фестивал.

Оваа беше една од низата едукативни работилници на фестивалот, чија цел беше децата да стекнат одредено знаење за себе и за својата позиција во општеството и да ја разберат својата индивидуалност.
– Малите археолози се најдоа во улога на Индијана Џонс и преку работилницата дознаа како под површината на земјата лежи цел свет во кој никој никогаш не знае што ќе се најде. Научија дека археолошките ископувања не се одвиваат само некаде далеку во светот, туку вистинското богатство може да биде скриено под земјата по која шетаат и ја газат секој ден. Децата уживаа во несекојдневните демонстрации на хемиски реакции што ги изведе едукаторот, а потоа и самите експериментираа и навлегоа во светот на експериментирањето – велат од ДКЦ-Карпош.

На работилницата „Временски патници“, пак, во националната галерија „Даутпашин амам“ научија дека „модерната уметност кон секого прозборува и ги пресретнува сите генерации и може да се работи со она што ни е веќе познато, за себе, за другиот, или за уметникот.“

Работилниците за личен развој претставуваа совршено место за откривање и стекнување нови знаења и техники, преку кои младите развија едно ново разбирање за себе и своите емоции. Имаа можност да се фокусираат на своите мисли и емоции и сфатија дека тие имаат заемен ефект што е од суштинско значење за нив. Се одржаа и работилници за креативно пишување, танц, илустрација во класична техника, музичка работилница и работилница за рачна изработка на приврзоци и модни детали од полимерна глина, која беше вистинско доживување за децата на фестивалот за детска креативност „Трамболини“.