На дводневните меѓународни универзитетски свечености, по повод инаугурацијата на новиот ректор Либор Возар на универзитетот „Константин Филозоф“, во словачкиот град Нитра, меѓу официјалните гости од голем број европски и светски универзитети, како член на Интеруниверзитетската конференција на Република Македонија присуствуваше Јордан Плевнеш, ректор на универзитетот ЕФТА.

Новиот ректор Либор Возар го прими во посебна аудиенција ректорот Плевнеш, при што беше инициран проект за тригодишна соработка во областа на аудиовизуелните уметности помеѓу студентите на Факултетот за уметност од Нитра и Универзитетот за аудиовизуелни уметности во областа на документарниот филм. Во рамките на предвидената соработка ќе се опфатат поголем број локации во Словачка и Македонија, каде што се одржа мисијата на солунските браќа Кирил и Методиј и нивните ученици, со посебен акцент на Климент и Наум Охридски и Горазд, кој потекнува од Моравија.