Македонскиот филм „Господ постои нејзиното име е Петрунија“ на режисерката Теона Митевска, по селекцијата во Берлин, успехот во Пула и неколку други филмски фестивали, влегува во трка за престижната награда „Лукс“ што ја доделува Европскиот парламен. Ова беше соопштено на денешната прес конференција организирана од Европскиот Парламент.

По излагањето на новоизбраниот претседател Давид Мариа Сасоли беа објавени насловите на трите европски филмови кои се селектирани за годинешната награда „Лукс“.

За најновиот филм на Теона С. Митевска на прес конференцијата беше истакнато дека станува збор за „Моќно филмско дело кое ја раскажува приказната за една жена која е дел од религиозна церемонија каде имаат пристап единствено мажите, чин што значително придонесува за феминистичката борба на оваа жена – најакутното социјално прашање на нашето време, кое е интензивирано на Балканот“.

Оваа вест е дотолку позначајна бидејќи во историјата на доделување на оваа награда по прв пат е селектиран македонски филм.

– Радува фактот што македонската кинематографија годинава постигнува максимална видливост од нејзиното постоење до денес. Фестивалите во Берлин, Кан, Венеција, Санденс, Лос Анѓелес станаа секојдневен дострел на македонските филмаџии, а одмерувањето со најдобрите филски автори во Европа и Светот веќе дури не не изненадува. Новата стратегија за развој на филмската уметност, за неполни две години даде фантастични резултати. Честитки за селекцијата за наградите „Лукс“ и се надеваме контиунуитетот на афирмација на нашата филмска уметност нема да застане тука – соопштува Агенцијата за филм на Република Македонија.

Проекцијата на „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ организирана од наградите „Лукс“ ќе биде на престојниот филмски фестивал во Венеција.

Заедно со „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ снимен во копродукција сo Белгија, Словенија, Хрватска и Франција во режија на Теона С. Митевска, се филмовите „Кралство“ на Родриго Сорогојен (Шпанија, Франција) и „Нерешениот случај Хамарскјолд“ на Мадс Бругер (Данска, Норвешка, Шведска и Белгија).

Темите кои ги обработуваат трите филмови селектирани филмови ја претставуваат различноста и креативноста на европскиот филм. Во селекцијата на сите три наслови е видлив широк спектар на филмски стилови, вклучувајќи документарен филм, социјална драма со елементи на комедија и политички трилер, каде жанровите и родовите се добро балансирани.

Сите три филма имаат многу успешен фестивалски живот и се наградувани како „Нерешениот случај Хамарскјолд“ кој ја имаше својата премиера на филмскиот естивал во Санденс каде ја доби наградата за најдобра режија во програмата “World Cinema Documentary Competition“, „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“, својата премиера ја имаше на Берлинале каде доби две награди од независно жири, а филмот „Кралство“ имаше премиера на филмскиот фестивал во Сан Себастијан.