Над 50 уметници (Марина Абрамовиќ, Сања Ивековиќ, ИРВИН, Желимир Жилник…), меѓу кои и Ѓорѓе Јовановиќ, Нада Прља, Христина Иваноска и Јане Чаловски, ја препрочитуваат историјата на регионот преку гестовите на современите херои, поттикнувајќи нови и значајни размислувања за темите на гостопримството и соживотот

Македонските уметници Ѓорѓе Јовановиќ, Нада Прља, Христина Иваноска и Јане Чаловски учествуваат на групната изложба „Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ во престижниот музеј MAXXI во Рим.
– Дали социјалистичкото наследство може да помогне во обновување на концептот на „јавното добро“, на просторот на сложената територија што неодамна ја претрпи драмата на граѓанската војна и подемот на национализмот наспроти мултиетничката припадност што го карактеризира овој регион, како и економската криза што влијаеше на цела Европа? Ова е клучното прашање со кое се занимава групната изложба „Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ – велат организаторите.
Изложбата е на словенечката кураторка Зденка Бадовинац, а ќе биде отворена до 12 септември во престижниот музеј MAXXI во Рим.
Во рамките на оваа изложба, Ѓорѓе Јовановиќ учествува со делото „Протестен споменик“.
– Што би се случило кога спомениците не би биле само манифестација на моќ, туку би станале нераскинлив дел на нашите континуирани борби? Што би се случило кога на спомениците наместо нивната „фиксирана“ позиција би им се овозможило да бидат динамични во нивната употреба? Како еден споменик може да стане субверзивен и застапувачки? – прашува Јовановиќ преку своето дело.

Македонската уметница Нада Прља учествува со делото „Што ќе се случи ако успееме?“, Христина Иваноска со делата „Именувајќи го мостот: Роса Плавева и Накие Бајрам“ и „Исчезнат документ, бр. 2“ и Јане Чаловски со делото „Недисциплинирана конструкција на една архива“.
Над 50 уметници меѓу кои и Марина Абрамовиќ, Сања Ивековиќ, ИРВИН, Желимир Жилник, Давид Маљковиќ, Марјетица Потрч, Милица Томиќ, Марта Попивода и Ана Вујановиќ, Младен Стилиновиќ… ја препрочитуваат историјата на регионот преку гестовите на современите херои, поттикнувајќи нови и значајни размислувања за темите на гостопримството и соживотот.
Изложбата „Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ претставува ново поглавје во програмата на Музејот, која преку редица истражувања посветени на Блискиот Исток и Медитеранот, се занимава и со уметничките ферментирања на авторите од земјите од поранешна Југославија со специфичен клуч на интерпретација.