Осум македонски писатели беа дел од големиот меѓународен проект „Читајќи го Балканот“, кој во претходните две години се реализира во седум земји од регионот: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Албанија и Македонија. Писателите Лидија Димковска, Игор Анѓелков, Даим Мифтари, Иван Шопов, Давор Стојановски, Жарко Кујунџиски и Живко Гроздановски остварија резиденцијален престој во една од земјите-учеснички во проектот, додека Петар Андоновски учествуваше на книжевно читање во Унгарија, а неговиот роман „Телото во кое треба да се живее“ беше преведен на англиски јазик. Проектот „Читајќи го Балканот“ е партнерски проект на издавачката куќа „Готен“ од Скопје со издавачката куќа „Гога“ од Ново Место и здружението „Крокодил“ од Белград. Во рамките на проектот, 48 регионални писатели (заедно со шест писатели од Кипар и од Украина) остварија резиденцијален престој во траење од еден месец во земјите-учеснички во проектот.

– Во текот на својот престој, писателите имаа можност да се запознаат со книжевната средина на земјата во која престојуваат, да се вмрежат со голем број автори, преведувачи и издавачи. Во рамките на проектот беше ангажиран и книжевен агент, кој ги застапуваше делата на вклучените автори во странство и ги претстави нивните најзначајни книги на неколку меѓународни саеми на книги. Сите автори вклучени во проектот се претставени во печатена публикација, а извадоци од нивните дела се достапни и преку мобилната апликација на проектот. Преку проектот беа претставени некои од најдобрите книжевни гласови од регионот, при што се олесни и нивното преведување на поголемите европски јазици. Истовремено проектот им помогна на писателите дополнително да ја професионализираат својата кариера и да добијат можност за меѓународно присуство преку зголемена видливост и мобилност – велат од „Готен“.

Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.