Познатата македонска уметница Марија Светиева на 30 јуни, точно напладне во галеријата „Кора“, во Скопје, ќе ја отвори својата 48. самостојна изложба, насловена „Македонски пејзажи“. Ќе бидат изложени 30 дела на кои Светиева работеше последниве две години.

– Оваа изложба за мене е интимен говор на битието. Самиот спектар на бои ги дополнува формите и пределите на нашето поднебје. Форматите на сликите се 30х40 и 50х70 сантиметри, а акварелот е работен во мојот препознатлив стил, со многу бои преку кои ги прикажувам емоциите на естетски начин. Инспирирана бев од убавините на: Пелистер, Јакупица, Кратово, Охрид, Дојран, Преспа… И самата техника на изработка е повеќе експресивна, а некаде спонтана, работена по сеќавање – вели Марија.

Светиева е членка на ДЛУМ и добитничка на голем број награди и признанија. Учествувала на 290 групни изложби низ целиот свет, а 17 награди за графика и цртеж добила во: Франција, Италија, Шведска, Јапонија и секако во Македонија.
Плакатот за изложбата го дизајнираше нејзиниот син Виктор Бранѓолица.
Изложбата ќе биде отворена до 15 јули.