На конференцијата ќе бидат презентирани тековните резултати од истражувањата на неолитските локалитети во полошкиот, струмичкиот, охридскиот, велешкиот, скопскиот, овчеполскиот, кривопаланечкиот, струмичкиот, струмскиот, тракискиот,
софискиот, кочанскиот, виничкиот, мариовскиот и во пелагонискиот регион

Конференцијата „Неолитот во Македонија“, која Центарот за истражување на предисторијата ја иницираше пред пет години, ќе се одржи на 20 и 21 декември во Археолошкиот музеј на Македонија. Таа го има своето јубилејно петто издание и поради зголемениот интерес на археолозите, првпат се одржува два дена (петок и сабота). На конференцијата ќе се изложат 24 реферати што ќе бидат презентирани од триесетина археолози од Македонија, Србија, Албанија, Бугарија и од Шпанија. Македонските и странските археолози ќе говорат за најновите сознанија поврзани со неолитското културно наследство во Македонија и околните земји, а наедно ќе дискутираат за научните проблеми што се однесуваат на голем број отворени прашања во рамките на предисториската археологија.

– На конференцијата ќе бидат презентирани тековните резултати од истражувањата на неолитските локалитети во полошкиот, струмичкиот, охридскиот, велешкиот, скопскиот, овчеполскиот, кривопаланечкиот, струмичкиот, струмскиот, тракискиот, софискиот, кочанскиот, виничкиот, мариовскиот и во пелагонискиот регион, вклучувајќи ги и резултатите од кабинетските, теренските и теориските проучувања. Ќе бидат промовирани и новите методи што се применуваат при истражувањето на неолитските населби во Македонија и на Балканот, како што се просторните, геомагнетните, етноархеолошките, археоботаничките, фотограметриските и зооархеолошките анализи, но и тековните пристапи во толкувањето на металот, хронологијата, архитектурата, стелите, садовите и ритуалите – најавуваат организаторите.

Во рамките на конференцијата ќе биде промовирано најновото издание на Центарот за истражување на предисторијата, односно зборникот на трудови „Неолитот во Македонија: во чест на Воислав Санев“. Во рамките на конференцијата, в сабота предавање ќе одржи Милош Спасиќ од Музејот на градот Белград, еден од најистакнатите млади српски предисторичари, кој ќе говори на темата „Доцнонеолитската винчанска култура во Централен Балкан: заедници што создадоа големи наративи“.

Конференцијата е резултат на темелната соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Археолошкиот музеј на Македонија и таа е финансиски поддржана од Министерството за култура.