Преку проектот „Приватност во јавност“, седум уметници од Србија ќе ги претстават своите интимни стратегии и микронаративи, потпирајќи се на односот интимно-јавно, дејствувајќи во контекст на непосредната реалност, каде што индивидуалните приказни создаваат нови односи преку толеранција, емпатија и разбирање. Изложбата e отворена во Националната галерија, објект „Мала станица“. Проектот е во продукција на „Визарт“, Нови Сад, Србија, во соработка со Македонски центар за фотографија, Скопје.
Уметниците ставаат детали од интимниот живот и субјективните искуства во центарот на нивното истражување и на тој начин придонесуваат за уште посилна емоционална врска со другите. Семејство, дом, непосредна околина, поглед низ прозорец или од тераса, пријатели, дејства од секојдневниот живот преведени преку уметнички дискурс зборуваат за еколошки, геополитички, социолошки и антрополошки проблеми, проблеми на засолниште, осаменост, номадство, нестабилна социјална меморија, автомеморија…
Од Србија учествуваат уметниците: Силард Антал, „Дистракчр“, Стеван Којиќ, Весна Перуновиќ, Милета Поштиќ, Наташа Теофиловиќ, Драган Војводиќ.
Ним им се придружуваат осум уметници од Македонија со кратки видеа, под заедничкиот наслов „Уметнички дневници во изолација“, снимени по покана од Националната галерија на Македонија и кураторката Ана Франговска во 2020 година: Атанас Ботев, Искра Димитрова, Роберт Јанкулоски, Верица Ковачевска, Моника Мотеска, Кристина Пулејкова, Дијана Томиќ, Вана Урошевиќ. Изложбата опфаќа различни медиуми: фотографија, видео, дигитална анимација, инсталација. Куратор на проектот е Светлана Младенов од „Визарт“, Нови Сад.