Дваесетина македонски автори се претставени во престижното австриско списание „Литератур унд критик“ (Книжевност и критика), чие промовирање се одржа завчера во Салцбург. Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Живко Грозданоски, Ненад Јолдески, Жарко Кујунџиски, Фросина Пармаковска, Иван Шопов и Давор Стојановски од прозаистите, како и Афродита Николова, Ана Голејшка Џикова, Биљана Стојановска, Јулијана Величковска, Душко Крстевски, Катерина Гогова, Јосип Коцев, Ѓоко Здравески, Драгана Ефтимова, Мане Манушев, Митко Гогов, Славица Гаџова-Свидерска, Снежана Стојчевска и Звонко Танески од поетите, се застапени во ноемврискиот број на ова списание.
Изборот на автори и дела го направи поетот Никола Маџиров.
– Во рамките на современата македонска книжевност, во почетокот на новиот век се појавија автори родени во поинакви стварности од оние на нивните претходници. Преминот од еден милениум во друг не беше само пречекорување нумерички праг туку соочување со нови идеологии и географско-политички граници. Пејзажот на времето околу нив носеше фрагментирања на држави, на сеќавањата, на вербата во митовите за трајноста. Цела генерација поети, раскажувачи и романсиери се обидоа да ја прескокнат оградата на агресивната историја на фактите и да се изградат како глас на новата лична свест и имагинација и, на некој начин, да го потврдат она што Данило Киш го велеше за литературата – дека таа тежнее кон она што е посебно, за да дојде до нешто општо – вели Маџиров во предговорот.

Маџиров додава дека овој избор на автори родени помеѓу 1980 и 1989 година претставува само дел од хоризонтот на современата македонска книжевност, која будно се бори за својот глас врз палимпсестот на универзалното книжевно наследство.
– Повеќето автори од таа „генерација на неприпадноста“ созреваа со рефлексот за десакрализација на кодовите на сигурноста, скитајќи низ лавиринтите на новата природност и урбаност, ослободувајќи го својот книжевен јазик од товарот на институционално дефинираната интелектуалност. Нивната поетика е отворена за универзален дијалог, за пренос од една естетска суштина на јазикот во друга – вели Маџиров.
Преводот на германски јазик во списанието е на Александер Зицман и Бенјамин Лангер, а е поддржан од „Традуки“.

– Искрено сум им благодарен на „Литератур унд критик“ и на „Традуки“ за понудената можност и преку овој превод на германски јазик да се врати гласот на зборовите на овие автори назад кон изворната тишина на читањето, да се прескокне сенката на стравот дека нема да се биде чуен од увото на времето или од меморијата на светот – додава Маџиров.
Австриското литературно списание „Литератур унд критик“ е основано во април 1966 година, од австриските писатели Рудолф Хенц, Герхард Фрич и Пол Крунторад, и досега има објавено поезија и проза од млади автори, но и од култни светски имиња.