Изложбата „Уметноста на досадата“ на група македонски уметници е отворена до 31 март во градината на сегашната резиденција на ЕУ во Скопје.
– Изолацијата што произлезе од неопходното ограничување на движењето во текот на минатата година неизбежно доведе до чувства на здодевност и монотонија, истовремено свртувајќи го вниманието кон себеси, кон прашањата на самоконтролата и интроспекцијата. Кај некои уметници овие чувства доведоа до преиспитување на чувството на припаѓање или предизвикаа креативна криза. Пред сè, преку себеиспитување и креирање идеи и предмети, уметниците се обидоа да ја потврдат својата присутност во празнината што произлезе од пандемијата – велат организаторите.
Поканети се повеќе локални уметници да ги претстават своите одговори на оваа тема во градината на сегашната резиденција на ЕУ.

– Нашиот избор на уметници покажува повеќе различни одговори на темата на здодевноста; исто така, обезбедува широк избор од квалитетни уметнички дела. Петар Хаџи Бошков, Маргарита Киселичка, Сашо Саздовски, Гоце Наневски, Моника Мотеска, Филип Велковски, Јасмина Главинче, Игор Таневски, Давид Атанасоски, Антонио Пиркоски и Александар Ефтимовски се уметници што претставуваат различни генерации – предводници на современата уметност со докажана умешност и проникливост, како реномирани уметници што доаѓаат од средната генерација, но и млади уметници што се школувани низ призмата на уметноста во денешно време. Положбата на нивните дела во изложбениот простор евоцира хронологија и искуство и ја одразува трагата што тие ја оставиле во областа на современото вајарство и сликарство во Македонија – се вели во најавата.